Изложбата Корелација на Јана Луловска презентирана во Битола

0
256

Во Центарот за култура беше презентирана самостојната фотографска изложба „Корелација” на Јана Луловска.

Публиката преку 22 диптиха работени во гумитилија, имаше можност да се запознае со естетиката и мајсторските умеења на младата македонска уметница.

Јана Луловска во својот поздравен говор посебно го образложи процесот на создавањето на овие необични фотографски дела, кои во своето финално претставување наликуваат на акварели.

Низ овој жанр како и низ користењето на стара класична и некогаш популарна техника гумитилија, Луловска се обидува во ерата на сеопшта дигитализација, виртуелизација, низ реактуелизација на оваа техника, да си ја овозможи креативната слобода која се темели на телесната сличност на знакот и на објектот кој го третира.

Луловска е родена во 1986 година во Скопје, има завршено фотографија на Академијата за филм и театарска уметност во Софија, реализирала неколку самостојни и повеќе групни изложби, од кои позначајни се нејзините претставувања во Скопје, Брисел и неколку градови во Бугарија.

Првата самостојна фото-изложба на Луловска во меѓународни рамки, беше финансиски помогната од Министерството за култура на Република Македонија.

Претходно изложбата беше презентирана во културно информативниот центар на Република Македонија во Софија.