Изложбата Мајка Тереза светицата од Скопје, светицата на светот отворена во Битола

0
334

Во Битола во рамките на 4-тата Светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог, министерката за култура Елизабета Канческа Милевска ја отвори изложбата „Мајка Тереза – светицата од Скопје, светицата на светот“ која беше претставена и во Рим по повод канонизацијата на Мајка Тереза.
Министерката Канческа Милевска истакна дека изложбата има голема симболика бидејќи токму Мајка Тереза целиот свој живот го посвети на поттикнувањето на најубавите и најхуманите вредности кај луѓето, на милосрдието, на човекољубието.

Ние сме навистина горди што Мајка Тереза е родена во Скопје, во нашиот главен град во кој таа ја донесе и својата судбоносна одлука, да му го посвети животот на бога, на оние на кои им е потребна вера, надеж, љубов, истакна Канческа Милевска.

Изложбата содржи неколку тематски целини, паноа на кои се илустрирани впечатливи фотографии, документи и наративен текст придружен со најдлабоките размисли на Мајка Тереза, експонати кои ги претставуваат детството и младоста на Мајка Тереза, семејството и блиските пријатели.