Измина рокот од „уште 2-3 дена“ на Ванхојт

0
248

Пред четири дена посредникот во преговорите за спроведување на договорот од Пржино Питер Ванхојт изјави дека лидерите на четирите политички партии треба сериозно да решат кој е патот кон кој треба да се движи Македонија и дека ако во наредните 2-3 дена тие не се договорат, договорот од Пржино пропаѓа. Денеска е веќе четвртиот ден откога е дадена таа изјава, а и вчерашната лидерска средба заврши без резултат.

Дали договорот од Пржино е веќе пропаднат? Сите рокови се веќе пробиени. Голем е бројот на отворените прашања за кои нема компромис. Освен враќањето на опозицијата во Собранието и изборот на специјалната обвинителка, за сите други обврски што произлегуваат од договорот нема согласност меѓу претставниците на четирите политички партии. Од она што може да се претпостави, нема согласност главно меѓу претставниците на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ.

Освен тоа, се заострува речникот меѓу претставниците на ВМРО-ДПМНЕ и посредникот на Европската комисија за спроведување на договорот од Пржино Питер Ванхојт. По неговиот последен брифинг, Ванхојт отворено кажа дека Македонија може да се соочи со санкции на ЕУ слични на оние воведени против Белорусија. Тој не потврди, ниту пак негираше дека е можно составување на црни листи на мекедонски политичари со забрана за патување во странство и замрзнување на сметки во странски банки. Ванхојт пред тоа пред новинарите излезе со лист хартија на кој пишуваше „зборот е збор“, отворено асоцирајќи на непочитување на веќе договорени работи за време на преговорите.

Во петокот на ова претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски одговори дека „тој што потсетува за зборот треба да потсети на друго место, а не пред македонскиот народ, македонскиот народ и сите граѓани на Македонија знаат што е даден збор“. И медиумите кои ја поддржуваат политиката на оваа Влада, деновиве го заострија речникот против белгискиот експерт.

www.mkd.mk