Извештајот за напредокот одложен за уште една недела

0
215

Годишниот извештај за напредокот на кандидатите за членство во Европската унија најверојатно ќе биде претставен во четврток на 5-ти октомври, дознава српската агенција Танјуг од дипломатски извори од Брисел.

Зеленото светло за објавувањето на извештаите за европскиот пат на Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, треба да даде претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер.

Според извори на агенцијата, Јункер во среда формално ќе го направи тоа, по состанокот со Колегиумот, којшто го сочинуваат сите 28 комесари и функционери на ЕК.

Маја Коцијанчич, портпаролката на комесарот за соседска политика и преговори Јоханес Хан, ниту ја потврдила, ниту ја демантирала информација, со образложение дека датумот за претставувањето на извештајот сé уште не е официјално закажан.

Таа потврдила дека пакетот извештаи се наоѓа во фаза на „колегијални консултации“, што значи дека им е поделен на комесарите пред утрешниот состанок.

Во Комисијата демантираат дека одложувањето на објавувањето на годишниот извештај кое првобитно беше закажано за средината на минатиот месец, а потоа одложено на неодредено време, е поради изборите во Турција кои се одржаа во неделата.

На Европската унија ѝ е неопходна соработката со Турција во решавањето на мигрантската криза, бидејќи најголем дел од бегалците од Сирија и Ирак влегуваат во ЕУ преку оваа земја./крај/мф