Изводот за бебето уште во породилиште

0
1632

Родителите веќе нема да чекаат на шалтери, туку изводот на матични книги ќе го добијат во рок од 48 часа, за време на престојот во породилиштето.
Станува збор за проектот „Добредојде бебе“ кој ќе стартува од понеделник (24 јули) и оваа услуга ќе биде достапна во породилиштата во Скопје, додека од 1 септември – услугата ќе биде достапна во сите 18 породилишта во Македонија.
Во првите осум часа од раѓањето на детето, со важечки документ за лична идентификација, родителите треба да потпишат изјава за согласност за обработување на личните податоци. Двајцата родители треба да бидат присутни пред потпишување на обрасците, а претходно треба да бидат договорени личното име на детето и живеалиштето.
Процедурата ќе се одвива на тој начин што овластениот здравствен работник ќе се најави во интегрираниот здравствен информатички систем МојТермин и ќе пополни пријава за индивидуална евиденција за породување, по што следи печатење на обрасците, кои ги потпишуваат родителите по проверка на точноста на податоците и овластеното лице понатаму ги доставува податоците до надлежните институции.

Со овој процес, родителите во рок од 48 часа ќе го добијат изводот, но доколку мајката замине од болница порано од предвидените 48 часа, тогаш родителите имаат можност да го подигнат изводот од родилиштето.

Министерството за здравство, во соработка со МојТермин, Министерството за внатрешни работи и Министерството за правда-Управа за водење матични книги ја воведува оваа новина со која на родителите им се олеснува постапката за вадење извод на матична книга на родени а со тоа да се олесни комуникацијата меѓу докторите и пациентите.

Без коментари