Извршени 207 инспекциски надзори, донесени 84 забрани за работа

0
755

Министерството за труд и социјална политика информира дека во периодот од 4 до 6 август 2017 година, Државните инспектори за труд – од областа безбедност и здравје при работа, на територијата на Република Македонија извршиле вкупно 207  инспекциски надзори кај работодавачи за почитување на препораките за топлотен бран. Притоа се донесени 84 забрани на работодавачи кои не ги почитувале препораките да не се работи на отворено од 11 до 17 часот.

Државните инспектори за труд вршеа инспекциски надзори кај работодавачи од следниве дејности: градежништвото, земјоделие, отпади, комунални услуги,  конфекциски погони и други дејности.

Работодавачите ги добиваат во писмена форма следните препораки, со  нагласување дека мора да се придржуваат кон нив, бидејќи во спротивно ќе бидат санкционирани:

-Адекватна вентилација и по  можност климатизација во затворен работниот простор, да не работат на отворено за време на најтоплиот период од денот односно  во период од 11 до 17часот, промени во организацијата на работниот процес (воведување две смени работа), обезбедување засолништа каде вработените можат да се разладуваат одреден период во текот на работата, почести паузи во текот на работата и консумирање течности, работната облека да биде од лесна порозна ткаенина, а при работа на отворен простор – очила и капи, предупредување за зголемени опасности од несреќа  при работа (пожари).

Забрани се дадени во следните дејности: Градежна дејност 67, Преработувачка дејност 2, Земјоделска дејност 13, Рударство, вадење на камен 2 забрани.

Со оглед на тоа што територијата на Република Македонија и денеска се наоѓа во портокалова фаза, работодавачите се обврзани и понатаму да ги почитуваат дадените препораки и да се грижат за безбедноста  на вработените во услови на топлотен бран.

Без коментари