Јавното осветлување на Ресен доверено на турска компанија

0
428
По  спроведената постапка за воспоставување на ЈПП во делот на реконструкција, модернизација, надградба и одржување на системот за јавно осветлување во Општина Ресен, денес Општина Ресен потпиша Договор со фирмата Џемдаг од Измир Р. Турција, која на електронската аукција беше избрана за најповолен изведувач на работите, односно иден приватен партнер во процесот.
 Приватниот партнер, според одредбите од Договорот треба да изврши комплетна замена на постојните 2400 живини и натрумови светилки со современи ЛЕД диоди кои ќе гарантираат заштеда на електричната енергија од минимум 60% и ќе придонесат кон зачувување на животната средина.
 Договорот е воспоставен на рок од 15 год., при што приватниот партнер за тој период ќе го одржува системот, ќе формира кол- центар каде граѓаните ќе ги пријавуваат евентуалните дефекти на системот, а кои според Договорот ќе се отклонуваат во рок од 48 часа. Во истиот контекст, предвидена е и надградба на системот за улично осветлување на влезовите во Ресен од правец на Царев Двор и Јанковец.
 Вредноста на договорот е 1.250.000 евра кои Општина Ресен ќе ги исплаќа кон приватниот партнер во период од 15 години, а средствата ќе бидат обезбедени од генерираните заштеди на електрична енергија кои континуирано ќе се прават во наредниот период.
Според Договорот, активностите треба да започнат веднаш по потпишување на Договорот, а по завршувањето на административно- техничките подготовки, некаде од средината на идниот месец се очекува да се пристапи кон замена на светилките на целата територија на Општина Ресен.