Ји по средбите со политичарите

0
908

Заменик помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Хојт Брајан Ји, по средбите со политичките лидери изминативе два дена, во изјава за медиумите рече дека е време за формирање нова влада која итно ќе работи на реформите за да се надмине политичката криза, а сите прашања околу програмата на новата влада треба да се дебатираат внатре во Парламентот.

– Веруваме дека важно е политичките лидери да ја сфатат сериозноста и да најдат начин, мнозинството во Парламентот да одбере влада. Ги разбираме грижите, а целата програма на Владата треба да се дебатира во Собранието, а не надвор од него. Чувствуваме дека е важно земјата да биде обединета и да има нова влада која ќе работи на реформите, порача Ји.

Одговарајќи на новинарско прашање дали постои загриженост за нови проблеми затоа што досегашната владејачка партија вели дека не го признава Џафери за спикер на Собранието, Ји одговори дека во политиката е неопходно да се има отворена дискусија меѓу сите партии во Парламентот.

– Мислам дека е легитимно партиите да ја изразат својата загриженост но тие треба да бидат разрешени врз основа на нормалните демократски принципи. Со други зборови, ако мнозинството од пратениците се задоволни од Џафери, тие треба да имаат право да го изберат. Ако постои некаква загриженост за програмата на Џафери, или како си ја одработува работата како спикер во Собранието, мислам дека партиите имаат право да го покренат тоа прашање во Собранието и да го адресираат таму, во Парламентот,  одговори тој.

Како што рече тој, жали што прогресот на земјата бил во застој поради политичката криза, но дека САД и понатаму останува посветен за интеграција на Македонија во Европа, како и на целиот Западен Балкан.

Тој ги повика властите да ги истражат нападите и виновниците да одговараат за инцидентите во Собранието.