Јорданец се обидел да урне авион кој сообраќал кон Белград

0
505

Ракометарите на Војводина се враќаа од гостувањето во Порто и беа сведоци, но и актери во драмата што се случуваше во авионот за Белград.

Првичните информации во српските таблоиди беа дека Јорданец со американски пасош се обидел да го киднапира авионот, отворајќи ја вратата од кокпитот и притоа кажал: „Сакам сите да одиме кај Алах“, но во тоа бил спречен од ракометарите на Војводина. Сепак, според сведоштвата на еден од ракометарите и на претседателот на клубот за српскиот портал „Мондо“, вистината е малку поинаква.

– Седев две седишта зад таа личност, но од другата страна. Тој седеше до вратата за итни случаи. Носеше капа, ракавици и имаше брада. Да не се лажеме, изгледаше како терорист. Сепак, немаше споменување на Алах или нешто слично, како што некои пишуваат – открива ракометарот Горан Тркуља.

Германската авиокомпанија Луфтханза потврди дека еден патник на летот Франкфурт-Белград по слетувањето ѝ бил предаден на српската полиција.

Патникот, кој беше идентификуван како Јорданец со пасош на САД, се обидел да направи „нешто сомнително“ на вратата која води кон кокпитот.

„Човекот стана и се обиде нешто на вратата, но во тоа го спречија членови на екипажот и други патници“, изјави за Франс прес портпаролот на Луфтханза Андреас Бартелс.

Според него, на патникот му било кажано дека не смее да станува до крајот на летот и веднаш по слетувањето во Белград ѝ бил предаден на полицијата.

Портпаролот на германската авиокомпанија не го соопштил идентитетот на проблематичниот патник, но српските медиуми јавуваат дека е Јорданец и дека се презива Локен.