Јункер: Излегувањето на Грција од еврозоната ќе ја намали довербата на инвеститорите во Европа

0
246

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер во изданието на германскиот дневен весник Sueddeutsche Zeitung од понеделникот повторно се спротистави на излегувањето на Грција од еврозоната, оценувајќи дека тоа ќе избрка инвеститорите од Европа.

„Не го споделувам мислењето дека би имале помалку проблеми и притисоци доколку Грција го напушти еврото“, вели претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер пред средбата со германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд во понеделник навечер.

Иако прашањето на надминувањето на проблемите со грчкиот долг официјално не е причината за одржувањето на овој минисамит, претседателот на европската извршна власт би бил „многу изненаден“ доколку тоа не биде во центарот на разговорите. Учесниците на овој состанок во неделата навечер разговараа со грчкиот премиер Алексис Ципрас, и Јункер во моментот на давањето на интервјуто не знаел што било разговарано меѓу тројцата челници.

Јункер, кој последните седмици активно се зазема за попуштање на тензиите меѓу новата влада на Грција предводена од радикалната левица и нејзините европски партнери, вели дека стравува дека евентуалното грчко напуштање на европската валута е создаде впечаток дека „еврото не е неповратно“.

Додава дека во текот на неговиот неодамнешен престој во Јапонија премиерот Шинзо Абе „многу“ му зборувал за грчката криза и му дал до знаење дека јапонските вложувања во Европа „зависат од довербата“ која единствената европска валута ги ужива во странство.

Атина и нејзините европски партнери, во прв ред Германија, настојуваат по европскиот самит кој се одржа на 19-ти и 20-ти март да го обноват дијалогот по повеќенеделните судири во кои повторно во прв план изби заканата за излегувањето на Грција од еврозоната.

Во првите две седмици од јуни доаѓаат за наплата и двете транши од долгот кон Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Грција во периодот меѓу 5-ти и 15-ти јуни на ММФ мора да му врати четири заеми во вкупен износ од 1,6 милијарди долари, а првиот дел од исплатата на 5-ти јуни треба да изнесува 300 милиони евра.

Доколку не биде постигнат договор меѓу ЕУ и ММФ за новите заеми за Атина, Грција најверојатно нема да биде во можност да го почитува првиот рок за исплатата на 5-ти јуни, што би можело да иницира постапка којашто може да доведе до излегување на земјата од еврозоната.

Меѓутоа, доверителите предводени од Берлин и натаму очекуваат ветување за конкретни реформи за да ја уплатата последната рата од околу 7,2 милијарди евра од вкупно 240-те милијарди заеми одобрени од 2010 година./крај/мф/сн

Copyright 2015 makfax Сите права се задржани. Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Мakfax