Јункер со нова понуда за Атина

0
180

Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер испрати уште една понуда до Атина во обид да постигне договор со доверителите за нов пакет реформи пред истекување на крајниот рок 30 јуни, потврдија во вторникот извори од ЕУ и од грчката влада.

Според „ласт минит„ понудата, грчкиот премиер Алексис Ципрас би требало во вторник да испрати писмена согласност за најновите услови и на време да свика итен состанок на министрите за финансии на еврозоната. Исто така Ципрас би требало да се обврзе во јавноста да води кампања новиот предлог да биде усвоен на референдумот.

Сепак, нема никакви сигнали дека Ципрас е подготвен да отстапи од својата одлука за отфрлање на понудата на доверителите која ја опиша како „понужување“ за Грција, пред да се одржи референдумот на 5 јули на кој Грците треба да гласаат за предложените мерки на штедење.

Претставник на грчката влада рече дека со интерес го сослушал најновиот предлог на Јункер, но додаде „Алексис Ципрас во недела ќе гласа „против“, пренесе Reuters.

Понудата вклучува и некои грчки предлози како што е намалување на ДДВ-то на хотели од 23 на 13 отсто.

Трите институции-Европската комисија, Евроспката централна банка и ММФ- и понудија на Грција сегашната програма која истекува денеска, да се продолжи до крајот на ноември, а за време на тој период Атина би добила помош од 15,5 милијарди евра, од кои 1,8 милијарди веднаш за да го исплати долгот кон ММФ во износ од 1,6 милијарди, кој доспева денеска за наплата.

Доверителите во замена од Грција бараат нови мерки на штедење. Наместо да разговара за оваа понуда, грчката страна одлучи да свика референдум.

Засега не е познато дали во новиот предлог на Јункер има дополнителни концесии. /крај/

Copyright 2015 makfax Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Макфакс.