Каиро и EgyptAir потврдија дека се најдени остатоци од авионот, сомневања за тероризам

0
600

Грчките власти пронашле „материјал кој плута“ кој може да му припаѓа на авионот на воздухопловната компанија „EgyptAir“кој во четвртокот се урна во Средоземното Море, како и појаси за спасување, објави египетското министерство за цивилна авијација, а подоцна потпретседателот на компанијата Ахмед Адел за американската телевизиска мрежа CNN го потврди откривањето фрагменти од исчезнатиот авион.

„Пронајдовме делови“, потврдил Адел во интервјуто за CNN. Во соопштението на компанијата објавено на Twitter се наведува дека семејствата на патниците и на екипажот се известени дека се пронајдени остатоци. „Го изразуваме нашето најдлабоко сочувство“, се вели во објавата. Компанијата „EgyptAir“ додава дека потрагата продолжува.

Грчки воени извори за Reuters претходно објавија дека грчка фрегата која трага по исчезнатиот египетски авион открила два големи објекта кои плутаaт во морето околу 370 километри јужно до Крит. Рекле дека се чини дека објектите се црвени и бели парчиња пластика, а пронајдени се во близина областа каде што претходно бил регистриран сигналот од примопредавателот на авионот.

Грчката државна телевизија TV ERT објави слична информација, велејќи дека во истата област се лоцирани два објекта со „портокалова боја“. Авионот на „EgyptAir“ на летот MS804 од Париз за Каиро исчезна во четвртокот од радарите откако го напуштил грчкиот воздушен простор и неколку минути по навлегувањето во египетскиот воздушен простор. Се претпоставува дека се урнал во Егејското Море јужно од грчкиот остров Карпатос меѓу Родос и Крит.

Египетскиот министер за воздушен сообраќај Мохамед Хосам Камал изјави дека терористичкиот напад е поверојатна причина за уривањето на авионот отколку технички проблем. Немало разузнавачки информации во врска со некој од 56-те патници, а се спроведуваат проверки, изјави министерот на прес-конференција во Каиро.

Претходно воздухопловни експерти изјавија дека имајќи предвид дека пилотите на авионот „Airbus A320“ биле многу искусни и отсуството на сигнал за помош, зборува дека инцидентот кој довел до трагедијата бил силен и ненадеен.

Според американската телевизија CNN, која се повикува на неименуван извор во американското разузнавање, првичните податоци покажуваат дека во авионот можело да би биде активирана експлозивна направа.

Верзијата за терористички чин ја спомена и директорот на руското ФСБ, Александр Бортников. „За голема жал, денеска се случи уште еден инцидент со авион на египетска авиокомпанија. Според сé судејќи, станува збор за терористички чин во кој загинаа 66 луѓе од околу 12 земји“, рекол Бортников, пренесе агенцијата РИА:

Францускиот претседател Франсоа Оланд потврди дека авионот на „EgyptAir“ од Париз за Каиро се урнал во Средоземното Море и оти ниедна од хипотезите за причината за падот на воздухопловот не може да се исклучи.

Грчкиот министер за одбрана Панос Каменос изјави дека египетскиот „Airbus A320“ имал неколку остри свртувања пред да исчезне од радарите. Грција испрати два авиона и брод во потрага по авионот. Грчките власти ја истражуваат изјавата на капетан на еден трговски брод кој рекол дека видел „пламен на небото“ околу 130 наутички милји од Карпатос.

Американскиот државен секретар Џон Кери изјави дека нема никакви специјални информации за тоа зошто авионот исчезнал, додавајќи дека не сака да нагаѓа за причините на инцидентот.

„Надлежните власти работата сé што можат за да ги утврдат фактите за ова што се случи денеска. Во овој момент не знам ништо повеќе од другите за тоа“, изјави Кери на прес-конференцијата во седиштето на НАТО во Брисел, пренесе AFP.

Поради инцидентот откажан е состанокот на европските челници, членови на Партијата на европските социјалисти, кој требаше да се одржи во Рим во петокот./крај/мф/сн