Како да добиете отштета заради штети од поплави или земјотрес?

0
744

 

Основното осигурување на домот не ги покрива штетите од елементарни непогоди, како што беше неодамнешната поплава во скопско. За да се надомести штетата од овие непогоди потребно е да имате дополнително осигурување.

Обично осигурување на домот, возилото или на друг имот нема да ви биде доволно за да добиете отштета заради штети предизвикани од поплава или земјотрес. За осигурителната компанија да ви исплати отштета при ваква елементрана непогода мора да имате склучена конкретна осигурителна полиса за неа. Во спротивно, осигурувањето не ја покрива штетата.
Неодамнешната катастрофална поплава што го зафати Скопје, која освен човечки жртви предизвика и огромни материјални штети, исфрли на површина многу недоумици кога станува збор за осигурувањето на имот. Првично кај граѓаните најголема дилема се јави околу тоа дали ако платиле осигурителна полиса за домот, тоа значи дека тој е осигуран буквално од сè – пожар, кражба, домашна хаварија, поплава, земјотрес. Друга голема дилема е дали осигурувањето од автоодговорност, коешто е задолжително за секое возило, ги покрива штетите кои евентуална поплава ги предизвикала, како и тоа дали осигурителната компанија ќе ги обештети доколу падне дрво врз паркирано возило и го оштети.

Осигурителните агенти се едногласни – основното осигурување на домот не ги покрива штетите од елементарни непогоди како што се поплава или земјотрес. За да се надомести штетата од овие непогоди потребно е да имате дополнително осигурување.

– Многу луѓе сметаат дека со купување осигурителна полиса за имотот, тој е заштитен од сè. Но, тоа не е точно. Најчесто основниот пакет покрива осигурување од кражба, пожар, штети предизвикани од внатрешна инсталација и сл. Сепак, тој не покрива осигурување од поплава или земјотрес. За тоа се склучува дополнителна полиса и се плаќа повисока сума. Основниот пакет содржи ставка осигурување од поплава, но тоа се однесува на поплава предизвикана од пукната цевка во домот или неисправен радијатор, а не на поплава предизвикана од невреме како што се случи неодамна во Скопје – објаснуваат осигурителните агенти.
Голем дел од осигурителните компании во земјава нудат можност за дополнително осигурување од елементарни непогоди. Така на пример, основниот пакет за осигурување на домот на „Триглав осигурување“ покрива ризици како што се пожар, удар од гром, луња, град, лизгање на земјиште, лавини, но не ги покрива непогодите како што се земјотрес и поплава и порој. Основниот пакет на „Сава осигурување“ ги покрива истите ризици, со тоа што за дополнителна доплата имотот може да се осигура и од поплава, порој и висока вода, лавина, лизгање на земјиште, како и од штети предизвикани од пад на дрво и од атмосферски води.
Цената на осигурителните полиси зависи од многу фактори, особено од пакетот кој што ќе се избере.

– Генерално, цената зависи од локацијата на имотот, дали станува збор за куќа или за зграда, од видот на градбата. Дополнителни фактори се пазарната вредност на имотот односно колкава сума по метар квадратен ќе биде потребна за тој да се врати во првобитната состојба. Значаен фактор е и дали некој постојано живее на тој имот или не – објаснуваат осигурителните агенти.
Земајќи ги предвид сите овие фактори, годишниот основен пакет за осигурување на домот чини од 1.800 денари па нагоре.
Кога станува збор за осигурување возила, мора да се знае дека полисата за осигурување од автоодговорност не ги покрива штетите врз автомобилот предизвикани од елементарни непогоди, како ни од пад на дрво. Отштета во вакви ситуации се исплаќа само за возилата кои се каско осигурани.

Според податоците на Агенцијата за супервизија на осигурување, многу мал процент граѓани во земјава ги осигуруваат своите домови. Иако бројката на осигурани домови се зголемува во последните години, сепак таа сè уште е под 10 отсто од вкупниот број продадени полиси.

fakulteti.mk