Како е проектиран буџетот за 2017 година?

0
373

Повеќе пари за капитални инвестиции, но и за плати и надоместоци на буџетарите. Со Буџетот за 2017, Владата на хартија проектираше уште една оптимистичка година. Економски раст од 3% и намалување на буџетскиот дефицит во однос на сегашниот, ребалансиран буџет. Догодина, само по основ на камати за долгови ќе се платат 133,5 милиони евра.

Буџетски приходи од 3 милијарди евра, економски раст од 3%

Догодина Владата проектираше вкупни буџетски приходи во вредност од 3 милијарди евра, односно во однос на годинашните приходни позиции утврдени со првиот Ребаланс на Буџет, зголемување од 216, 6 милиони евра или 7,6%. Според очекувањата, следната година се очекуваат повеќе приходи од даноци, од придонеси, а пораст е проектиран и кај неданочните приходи, капиталните приходи и донациите. Овие очекувања практично се темелат на очекувањата за раст на економијата од 3%, со прогноза дека во позитива ќе бидат сите економски сектори.

“Бруто-инвестициите се очекува да остварат реален раст од 4,5% во 2017 година, кој се заснова на планираните инвестиции на јавниот сектор, како главен двигател на инвестициите во инфраструктурата, како и наочекувањата за постепен раст на приватните инвестиции. Во 2017 година градежната дејност се очекува да оствари стапка на раст од 5,2% на реална основа, главно како резултат на реализацијата нa планираните јавно-финансирани инфраструктурни проекти и предвидените инвестиции во слободните економски зони. Услужниот сектор се очекува да забележи стапка на раст од 2,8%, во чии рамки трговската и транспортната активност е предвидено да имаат најзначаен придонес кон растот. Реалниот раст во земјоделскиот сектор се очекува да изнесува 2,3%. Индустриската активност се предвидува да забележи раст од околу 2%, по неповолните движења во претходната година, како последица на неизвесното домашно окружување“, се наведува во Предлог-Буџетот за 2017 година.

Според буџетските проекции догодина се предвидува стапката на инфлација да биде на ниво од 1%. Еве кои се останатите проекции за догодина:

-Раст на вработеноста 1,8%

-Просечната бруто плата во земјата се очекува да забележи номинален раст од 1,8%

-Приватната потрошувачка се очекува да забележи реален раст од 2,1%

-Проекцијата за реален раст на јавната потрошувачка изнесува 1,3%.

-Дефицитот на тековната сметка на платниот биланс 2% од БДП

Буџетски расходи од 3,3 милијарди евра, повеќе пари за плати …

Догодина ќе се троши еден од досега најгломазните буџети. Вкупните расходи се проектирани на 3,3 милијарди евра. Во однос на годинашните ( прв ребаланс на Буџет), се зголемени за 174,7 милиони евра или за 4,5%. На расходната страна пораст на трошоците има по сите основи, за плати и надместоци, стоки и услуги, субвенции, социјални трансфери и плаќања по основ на камати. Еве по кој основ колку ќе се троши:

-Плати и надоместоци 435,3 милиони евра

-Стоки и услуги 318,8 милиони евра

-Субвенции 214,1 милион евра

-Капитални расходи 438,2 милиони евра

-Социјални трансфери 1,5 милијарди евра

И со новиот буџет, во споредба со сегашниот реабалансиран буџет, Владата проектираше пораст на каиталните расходи за скоро 72 милиони евра. Повеќе пари ќе се трошат и за плати и андоместоци за буџетарите, во однос на годинава раст од 4,2 милиони евра. Ставката за стоки и услуги се зголемува за скоро половина милион евра, додека за субвениции за 16,7 милиони евра. Социјалните трансфери догодина се проектирани на историски највисоко ниво од 1,5 милијарди евра со раст во однос на годинава за скоро 53 милиони евра.

Владата во Буџетот наведува дека ќе продолжела со политиката на дисцилинирана буџетска потрошувачка.

“Ќе се продолжи со определбата за спроведување на дисциплинирана буџетска потрошувачка во насока на рестриктивна и ригорозна контрола на помалку продуктивните трошоци без да се наруши нормалното функционирање на буџетските институции“, се наведува во предложениот Буџет за 2017 година.

Нова Еврообврзница и во 2017 година …

Догодина буџетскиот дефицит е проектиран на ниво од 3% од БДП или во асполутен износ од 302,5 милиони евра што е за близу 42 милиони евра помалку во однос на сегашниот минус ( прв ребаланс на Буџет) во државната каса.

Буџетски дефицит

2016 година 344 406 504 евра

2017 година 302 552 845 евра

За финансирање на буџетскиот минус и догодина Македонија ќе издаде еврообврзница.

“Финансиските средства за проектираниот дефицит за 2017 и отплатата на долговите ќе се обезбедат преку задолжување во странство со издавање на Еврообврзница на меѓународниот пазар на капитал, со задолжување на домашен пазар на државни хартии од вредност и со повлекување на средства од поволни кредити од меѓународни финансиски институции и кредитни линии наменети за финансирање на одделни проекти” – се наведува во предлог буџетот.

Креаторот, односно Министерството за финансии наведува дека проекциите се остварливи и дека била во согласност со определбите на Владата за консолидација на минусот во државната каса.

“Вака планираните приходи и расходи обезбедуваат етапна консолидација на јавните финансии,односно намалување на буџетскиот дефицит на ниво од 3% од БДП или во износ од 18.607 милиони денари. Ова ниво на дефицит е согласно определбата за постепено намалување на јавната потрошувачка, со истовремено обезбедување на значителен износ на капитални инвестиции кои ќе имаат соодветен придонес за повисоки стапки на економски раст“, се наведува во предложениот Буџет.

Буџетот треба да биде усвоен до 12 октомври, кога практично се распушта сегашниот парламентарен состав.

www.faktor.mk

Без коментари

LEAVE A REPLY