Како Сирија стана интернационален проблем?

0
292

Како Сирија стана интернационален проблем? Ова видео на Јутју зборува за тоа како започнаа немирите и граѓанската војна и причината зошто во летото 2015 година Европа доживеа најголем прилив на бегалци од Втората Светска Војна до денес.

Во видеото нараторот започнува да раскажува за Сирија: древна земја, населена уште од пред повеќе од десет илјади години. Од шеесетите години на минатиот век наваму, државата е предводена од семејството Асад, чии членови управуваа како квазидиктатори сé до „Арапската пролет“ во 2011 година, што претставуваше револуционерен бран на протести и конфликти во арапскиот свет кој собори многу авторитарни режими. Но, семејството Асад одби да се повлече и започна брутална граѓанска војна.

Различните етникуми и верски групи се бореа меѓу себе во коалиции кои се менуваа. ИСИС, милитаристичката џихадистичка група, ја искористи можноста и влезе во хаосот, со цел да изгради еден тоталитарен Исламски калифат. Набрзо стана една од најнасилните и најуспешни екстремистички организации на Земјата.

Сириското население беше заробено помеѓу режимот, бунтовничките групи и верските екстремисти. Една третина од сирискиот народ се раселени низ Сирија, додека над четири милиони Сиријци ја имаат напуштено земјата. Поголемиот дел од нив се наоѓаат во кампови во соседните земји, кои се грижат за 95% од бегалците, додека сите арапските држави од Персискиот Залив, заедно немаат примено ниту еден сириски бегалец, што е оквалификувано како „особено срамно“ од Амнести Интернешнел.

Во видеото се објаснува дека Обединетите Нации и Светската програма за храна не беа подготвени за бегалска криза од ваков обем. Како резултат, многу бегалски кампови се преполни и не се доволно снабдени, поради што луѓете се изложени на студ, глад и болести. Сиријците изгубија надеж дека нивната состојба ќе се подобри во догледно време, па така, многумина одлучија да побараат азил во Европа.

Светот мораше да се здружи и да дејствува како обединет фронт, но, наместо тоа, стана сé поподелен. Многу држави одбија да примат бегалци, со што ги оставија соседните држави, сами во својот напор.

Перцепцијата за кризата низ светот оддеднаш се промени кога се појавија фотографии на мртво дете од Сирија пронајдено како лежи со лицето надолу на плажа во Турција. Германија најави дека ќе ги прими сите сириски бегалци, без исклучок, и сега се подготвува да прими 800.000 луѓе во 2015 година, повеќе отколку што има прифатено целата ЕУ во 2014 година, но неколку денови подоцна, и Германија наметна привремени гранични контроли и побара решение од целата ЕУ. Низ целиот западен свет, сé повеќе и повеќе луѓе почнуваат да преземаат акција, иако поддршката за барателите на азил во најголем дел доаѓа од граѓаните, а не од политичарите. Но, во западниот свет постојат стравувања: исламот, високиот наталитет, криминалот и колапсот на општествените системи…

И како што се објаснува во видеото, дури и самата ЕУ да ги прими сите четири милиони сириски бегалци и сите да бидат муслимани, процентот на муслимани во Унијата би се зголемил од околу 4%, на околу 5%. Истражувањата покажуваат дека и покрај тоа што стапките на наталитет се повисоки кај муслиманите во Европа, тие се намалуваат и се прилагодуваат како што растат животниот стандард и нивото на образование. Повеќето сириски бегалци веќе се едуцирани, стапката на наталитетот во Сирија пред граѓанската војна не беше многу висока, а населението всушност, се намалуваше, а не растеше.

Стравот дека бегалците доведуваат до повисоки стапки на криминал, исто така, не е во ред. Бегалците кои стануваат имигранти се со помала веројатност да извршат злосторства од домашното население. Во видеото се потенцира и дека кај повеќето, бегалците кои патуваат со паметни телефони довеле до заблуда дека тие немаат вистинска потреба од помош. Социјалните медиуми и Интернетот станаа витален дел од животот на бегалците. ГПС се користи за навигација при долгите патувања кон Европа; Фејсбук групите даваат совети и информации во врска со разни пречки кои постојат во реално време. Ова само докажува дека овие лица се како нас: ако вие моравте да направите опасно патување, дали би го оставиле вашиот телефон?

Додека малата држава Јордан има прифатено над 600.000 сириски бегалци, Велика Британија, која има 78 пати повисок БДП од оној на Јордан, само истакна дека ќе овозможи 20.000 Сиријци да ги преминат нејзините граници во текот на следните пет години. САД се согласи да прифати 10.000, а Австралија 12.000 лица.

На крајот на видеото заклучокот е дека севкупно, работите полека се подобруваат, но не и доволно брзо. Ние ја пишуваме историјата токму сега. Како сакаме да бидеме запаметени? Како ксенофобични богати кукавици зад огради? Мора да сфатиме дека овие луѓе кои бегаат од смрт и уништување не се разликуваат од нас. Преку нивното прифаќање во нашите земји и нивното интегрирање во нашите општества може многу да се добие. Може да се загуби само ако ја игнорираме оваа криза. Сė повеќе мртви деца ќе се појават на бреговите, ако не дејствуваме со хуманост и свест. Да го сториме ова како што треба и да се обидеме да бидеме што е можно подобри.

Без коментари

LEAVE A REPLY