Како завршија 70 000 прислушувани разговори кај криминалец?

0
396

ВМРО-ДПМНЕ вечерва го обвини лидерот на СДСМ Зоран Заев дека, според неговото признание, незаконски поседува 600 илјади нелегално стекнати прислушувани разговори и оти го прекршил Договорот од Пржино.

– Господине Заев, според вашето признание, вие незаконски располагате со 600.000 нелегално стекнати прислушувани разговори. Го прекршивте договорот од Пржино и по стоти пат излажавте, изјави на прес-конференција пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.

Како претседател на СДСМ, рече Милошоски, на јавноста и должите одговор како се најдоа 70.000 нелегално прислушувани разговори во рацете на вашиот пријател, а познат криминалец Захир Бекири.

– Материјалите не ги предадовте на специјалното јавно обвинителство кое беше формирано по барање на СДСМ, туку тие се најдоа во рацете на криминалци. Медиумите објавија дека кај овие криминалци се најдени над 70.000 приватни разговори. Тоа значи дека илјадници македонски граѓани јавни личности, стопанственици, новинари, судии и многу други од утре со монтирани материјали може да бидат уценувани и да бидат жртви на изнуда или да бидат наклеветени, рече Милошоски.