Камерон појасни дека 200.000 фунти му се подарени

0
329

Британскиот премиер Дејвид Камерон добил на подарок од мајка му 200.000 фунти покрај 300.000 фунти кои ги наследил по смртта на татко му Јан Камерион, кој се споменува во скандалот Panama Papers за тоа како преку офшор компании светските државници и славни личности во даночните оази ги кријат парите и ги избегнуваат даноците, покажува даночната пријава на премиерот.

Телевизијата Sky News, којашто имала увид во имотната состојба на британскиот премиер Дејвид Камерон, пишува дека „според пријавените податоци, премиерот преземал чекори без преседан (досега ниеден британски премиер јавно не ја објавил својата имотна пријава – з.р.) да излезе во јавности со детали за своите финансиски приходи во обидот да стави крај на даночниот скандал поврзан со неговото семејство“.

Претходно во саботата Камерон го повтори ветувањето дека наскоро ќе ги објави своите даночни пријави за последните неколку години, што досега ниеден премиер на Велика Британија не го сторил.

Според податоците на Sky News, во фискалната 2104/2015 година, даночната пријава на премиерот опфаќа 200.000 фунти, а повеќе од 45.000 фунти добил од изнајмувањето на неговиот дом во Лондон. Минатата година контото на Камерон се зголемило за 3.000 фунти, од камата на банкарски влог.

Германскиот весник Sueddeutsche Zeitung минатата недела објави документи коишто протекоа од панамската адвокатска канцеларија „Mossack Fonseca“ кои укажуваат на инволвираноста на многу светски лидери и нивни блиски во офшор шеми. Во документите, меѓу другите, се споменува и името на Јан Камерон, покојниот татко на британскиот премиер, како еден од петте директори на офшор компанијата „Blairmore Holdings“.

По неколкудневно молчење британскиот премиер Дејвид Камерон призна во саботата дека морал подобро да реагира во врска со скандалот Panama Papers, два дена откако под силни притисоци на јавноста и опозицијата призна дека до 2010 година поседувал удели во фонд на неговиот татко регистриран на Бахами. Јан Камерон, почина во 2010-та а истата година Дејвид Камерон ги продал уделите за 30.000 фунти, само неколку месеци пред да биде избран на должноста.

Сепак, не толку поради фактот дека Камерон во минатото поседувал акции во офшор инвестициски фонд, жестоки реакции кај неговите политички противници предизвика тоа што премиерот веднаш не признал дека ги поседувал спомнатите акции, и оти пред појавувањето на документите тој и неговиот кабинет дадоа неколку изјави во кои одрекуваа негова поврзаност со „Bliarmore Holdings“./крај/мф/сн