Кардиналот Винко Пулиќ ја предводеше мисата во Католичката црква во Битола

0
349

Во Битола, во Католичката црква Пресвето срце Исусово,беше одржана литургија, света миса која ја предводеше специјалниот папски претставник, сараевскиот надбискуп, кардинал Винко Пулиќ во сослужение со скопскиот бискуп Кирил Стојанов по повод својата повеќедневна пасторална посета на Црквата во Македонија.

– Ова доаѓање во Битола е на некој начин составен дел од походот на Скопската епархија. Јас сум митрополит за оваа епархија, дојдов овде да ја одбележам светата миса, да се сретнам со Бискупот и со свештениците во Битола, бидејќи тука дојде свештеникот од Босанската надбискупија да им служи на католиците на овој крај, па сакав и јас да дојдам да му дадам поддршка, но и да го охрабрам народтот во нивниот живот со верата. Мило ми е што и медиумите се отворени за оваа наша средба со народот во овој град кој претходно го знаев само по песната Битола мој роден крај, а денес еве го посетив и запознав, изјави Винко Пулиќ кардинал

Во својата проповед бискупот Кирил Стојанов се осврна на долгата историја на битолската парохија истакнувајќи ја големата приврзаност кон почитувањето на Пресветото Срце Исусово како симбол на Божјата безгранична љубов.

По завршувањето на Светата Миса верниците се упатија кон статуата на Пресветото Срце Исусово која има големо историско и духовно значење.

Светата миса ја следеа голем број верници, претставници на Католичката црква и на другите верски заедници, домашни и странски делегации, како и градоначалничката Петровска заедно со членови од Советот на Општината Битола.