Карпи и земја го прекинаа сообраќајот кон границата со Бугарија

0
658
Втор пат за само една недела огромен одрон од карпи и земја го прекина сообраќајот од Кочани кон Македонска Каменица и Делчево. Околу 14 часот блискиот рид во месноста Драка се претвори во свлечиште што го прекри асфалтот. Големата влага во почвата и непрекинатите врнежи од дожд се причина за нарушената стабилност на почвата, велат до “Македонија пат“. Нивна механизација била на терен во обид да го расчисти големиот одрон, но се повлекла поради тоа што камењата и понатаму паѓаат, а  неопходна е специјална машина за кршење на карпите.
– Самата машина, утоварачот не може да ги помрдне, ќе донесеме багер кљукач кој ќе ги крши и истовремено ќе ги чистиме. Ќе биде донесен булдожер кој ќе ги турка кон Брегалница за да се создаде една платформа ако во случај падне повторно, да има место една девијација да се направи, рече Кире Коцев, раководител на подружница на “Македонија пат“.
Возачите и дел од месното население кое се затекло на местото на одронот се оневозможени да се вратат во своите домови.
Како алтернатива, сообраќајот кон бугарската граница се пренасочува преку Берово, а патничките возила го користат и локалниот пат преку селото Бигла. Со оглед што во текот на вечерните часови се очекува врнежите да продолжат, од “Македонија пат“ велат дека прекинот најверојатно ќе продолжи и во текот на утрешниот ден.

Без коментари

LEAVE A REPLY