Каталонците го избираат парламентот кој може да прогласи независност

0
1934

Во североисточната шпанска покраина Каталонија во недела се одржуваат избори за автономната управа, кои локалните власти предводени од челникот на а од женералиетот (владата) Артур Мас ги нарекоа „првиот чекор“ кон стекнувањето независност од Шпанија.

Последните години каталонската влада постојано го истакнува прашањето за спроведување референдум за независноста, носеше закони со цел да се создаде „државност“, особено во сферата на надворешната политика. Откако овие инсистирања беа одбиени од централната влада во Мадрид и Уставниот суд на Шпанија, кој не дозволува да се одржи референдум само на територија на автономната единица, туку во целата држава прогласувајќи го каталонскиот референдум за неуставен, властите во Барселона организираа неформален плебисцит на кој 80 отсто од излезените избирачи се изјаснија за независност. Но на него излегоа само третина од вкупниот електорат на Каталонија.

Оттаму, каталонските власти прибегнаа кон нова стратегија. Па така, доколку шпанските власти не им дозволуваат организирање валиден референдум, тие независноста ќе ја прогласат во покраинскиот парламент.

Мас изборите в недела ги нарече „референдум“,велејќи дека жителите на Каталонија треба да гласаат врз база на позициите на партиите во однос на независноста. Неговата е да оствари апсолутно мнозинство во законодавниот дом на покраината и да го „започне процесот на стекнувањето независност“.

Од друга страна шпанската конзервативна влада на премиерот Маријано Рахој соопшти дека не може да стане збор за никакви „плебисцитарни избори во Каталонија, туку станува збор за обични покраински избори, како и дека нема проблеми кои одат во прилог на идејата за независност. Како своевидна „компензација“, Рахој најави можност во Шпанија следната година да се направат уставни реформи, со што во уставот на земјата ќе бидат јасно дефинирани надлежностите на шпанските автономни покраини.

Во неделата 5,5 милиони ќе гласаат за 135 пратеници, а според предизборните испитувања на јавното мнение, во парламентот ќе влезат шест политички групации.