Катица Јанева на тапет кај Советот на обвинители

0
671

Советот на јавните обвинители денес ќе расправа за стручноста при постапката на специјалната обвинителка Kатица Јанева при примањето на материјалите за прислушуваните разговори од СДСМ.

Специјалното јавно обвинителство веќе соопшти дека имале соодветна документација од примените доказни материјали од Зоран Заев, претседателот на СДСМ. Но, во јавноста претходно беа објавени одредени сомнежи во постапката при примањето на „бомбите“ од Заев, па утре, најверојатно лично Јанева ќе треба да ги покаже пропишаните документи за примопредавањето и за административното водење на предметот. Советот ќе одлучува за тоа дали Јанева постапила законски или не.
Советот на јавните обвинители е единствениот орган што има право да ја цени стручноста на работењето на специјалната обвинителка. Според законските одредби, Советот на јавните обвинители ќе треба да реши дали ќе води дисциплинска постапка против обвинителката за несовесно и нестручно работење, што би можело да доведе и до нејзино разрешување.
„Jа уверуваме јавноста дека целокупното постапување на ова Јавно обвинителство е согласно законските прописи и околноста што не е сочинет записник во моментот на самото предавање на материјалите не е пропуст во смисла на законските одредби. Материјалите што се доставени, се доставени по претходно барање на јавниот обвинител упатено согласно член 287 од Законот за кривичната постапка. Согласно овој член, не се бара сочинување на записник, а и ако побарате информации за начинот на постапување во јавните обвинителства кога се примаат докази по овој член, ќе наидете на истиот одговор и на истата пракса на работење“, соопшти минатата недела Специјалното обвинителство.
Вечерва Централниот одбор на СДСМ ќе заседава и ќе реши дали договорот од Пржино продолжува да важи, односно дали партијата освен тоа што соопшти дека нема да учествува на изборите на 24 април, ќе ги повлече и министрите и дополнителните заменици министри од владата.
Веќе се коментира дека утрешната одлука на Советот на јавните обвинители ќе зависи и од оваа одлука на СДСМ – ако социјалдемократите се повлечат од владата, тоа ќе значи дека и договорот од Пржино веќе нема да важи, а тоа би значело и полесно донесување на одлуката во однос дисциплинската одговорност на Јанева.
Во оваа ситуација и можниот простор за делување на Заев, поврзано со евентуално објавување на нови „бомби“, сега е веќе затворен. Со предавањето на прислушуваните материјали на Специјалното обвинителство, секое објавување на тие аудиоснимки веќе претставува кривично дело.