Католиците утре го празнуваат Велигден, во понеделник неработен ден

0
879

Припадниците од католична вероисповед денеска го прославуваат Велипеток. Годинава католички Велигден се паѓа на 27 март, околу еден месец дена пред денот кога овој празник ќе го слават православните верници.

Идејата за изедначување на датумите, со што католиците и православните верници би ги славеле заедно најголемите христијански празници Божик и Велигден, со години е тема на расправа меѓу двете цркви.

Но, Македонската православна црква сѐ уште не размислува за менување на календарот. Велат календарот ќе остане ваков каков што е додека не се одлучи Соборно, односно сите православни цркви да го променат календарот.

Бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија Киро Стојанов по повод празникот Велигден што в недела (27 март) го слават граѓаните со католичка вероисповед, денеска упати велигденска честитка.

– Драги браќа и сестри, Велигден е врв над сите празници, но сепак ќе споменам дека тоа не е сеќавање, тоа не е споменување на нешто што поминало, туку тоа е настан кој и денес овде ни се покажува, а тоа е дека Воскреснатиот Исус сака средба со секој од нас. За таа средба од негова страна е покажаната силна љубов кон секој човек, а од наша страна вера и доверба дека сме способни да веруваме во тој нов свет кој Тој го оствари во себе.

Христовото воскресение е темел на секоја човечка надеж и смисла на нашето постоење, бидејќи јасно ни говори дека овде на земјата, во оваа ограничено изнемоштено тело не сме сосема дома. Не очекува преобразба на телото и влез во царството на бесмртноста за кое Тој со своето Воскресение ни ја отвори вратата.