Ќе се потрудиме за помалку од 10 дена да ја составиме владата

0
486

Откако го доби мандатот од претседателот Ѓорге Иванов, новиот мандатар Зоран Заев најави дека заедно со партиите што ги дадоа своите потписи за формирање на мнозинството ќе воспостават организација за да го скратат рокот од 20 дена што е предвиден за формирање влада и дека ќе се потрудат за 10, па и помалку од 10 дена да ја состават владата, во која тој би сакал да се сите партии од мнозинството.

„Согласно со Уставот, Деловникот и законите, во многу брзо време очекувам да ја составам новата влада. Гаранциите ги дадов пред сите граѓани на Македонија и ги реафирмирав денеска кај претседателот Ѓорге Иванов.

Како мандатар и иден премиер се обврзувам дека новата реформска влада ќе гради граѓанска, унитарна и европска Македонија. Сите сили ќе ги насочиме кон градење правда и правна држава. Ќе обезбедиме услови за живот на сите граѓани на Македонија, со меѓусебно почитување, со почитување на мулитетничноста на државата и рамковниот договор. На овој начин само ќе ги отвориме вистинските перспективи на граѓаните и на современа, модерна и евроатлантска Македонија“, рече Заев по добивањето на мандатот.

Тој најави дека „ќе работи како и досега, со целото срце, верувајќи во сплотеноста“ и испрати порака да се остават разликите, изолацијата, омразата, нетрпението, деструктивните политики кои, како што рече, ни ги уништија животите.

„Се обврзувам дека ќе работам со сите вас, и новата влада ќе биде влада на сите граѓани. Овој ден е нов почеток за Македонија“, изјави Заев.