Ќе се прави електронски попис на населението

0
299

„Ќе има попис во Македонија, за што Владата веќе се подготвува и тоа со цел оваа операција да биде спроведена според највисоки стандарди и да не остане простор за сомнежи околу добиените резултати кај ниту една заедница, етничка група или поединец“, ова денеска во Собранието го најави премиерот Груевски, одговарајќи и на Роза Топузова Каревска, која постави пратеничко прашање дали Владата планира некогаш да ја спроведе најважната статистичка операција.

Груевски рече дека пописот ќе биде направен по електронски пат, со што според него ќе се избегнат проблеми какви што имало при последниот обид за спроведување попис во 2011 година.

Сепак, премиерот не прецизира кога би се извршил пописот. Единствено кажа дека до крајот на годинава се очекува да пристигне опрема за електронско поврзување на матичните евиденции.

„Подготовките за пописот се во тек и главно се одвиваат во две насоки, така што, покрај електронското поврзување на евиденцијата, се анализира и начинот на теренско собирање на податоците“, рече Груевски, потенцирајќи дека на овој начин, околу 70 проценти од податоците би можело да бидат собрани по електронски пат, по што теренската проверка би ја потврдила веродостојноста на информациите, како дали лицата кои одговараат се во земјата или евентуално некој друг одговара во нивно име.

Деновиве, откако работната група почна да разговара и договора за правилата за претстојните избори во 2016 година, меѓу стручната јавност се прошири дискусија дали и колку пописот зависи за прочистување на избирачкиот список, односно дали е предуслов за посоодветен и попрецизен избирачки список.