Ќе се врати ли драхмата во Грција?

0
185

Грчката петгодишна криза влезе во најдраматична фаза со одлуката на владата грчките банки да бидат затворени шест работни дена и да се воведат ограничувања за подигнување на пари од банкомати. Атинската берза денеска беше затворена. Банките во Грција ќе бидат затворени до 6 јули, а повлекувањето на средства од банкомати ќе биде ограничено, порача грчката влада, откако донесе одлука за контрола на капиталот.

Овие мерки се преземени за да се сопре одливот на пари од грчките банки и да се поттикнат доверителите на отстапки пред истекнувањето на програмата на странска помош на 30 јуни.

Кризата ја доведе во прашање грчката финансиска иднина и нејзиното членство во 19-члената еврозона, па дури и во Eвропската Унија.

Откако пропаднаа преговорите со кредиторите Грција распиша референдум на 5 јули на кој граѓаните би требало да одлучат дали ќе ги прифатат условите кои ги постави еврозоната. Граѓаните на Грција пак во неизвесност дали ќе им се врати драхмата.

MAJA_GRCIJA_005_copy.jpg

-Тие ја враќаат топката повторно на наш терен. Како да гласам јас? ДА значи строги мерки кои ќе не однесат во сиромаштија и мизерија, НЕ е несигурно. Никој не знае што ќе се случи, ќе се вратиме ли назад на драхмата или ќе останеме вака.

-Ние сме сега на работ на катастрофа. Претпоставувам дека опциите се да се вратиме на драхмата, но незнам за можни последици и колку долго ќе траат.

-Референдумот ќе беше во ред ако премиерот имаше план Б за излегувањето од Еврозоната. Во спротивно, нема значење дали ќе гласаме ДА или НЕ, велат грчките граѓани.

MAJA_GRCIJA_004_copy.jpg

Инаку според новите владини мерки, плаќањето со дебитни и кредитни картички, како и онлајн транскации ќе бидат дозволени само внатре во Грција, но забранети се плаќања и трансакции на странски сметки. Сите останати трансакции нема да бидат дозволени, се додека специјалниот одбор не ги одобри оние трансакции за кои смета дека се потребни за заштита на јавните и општествени интереси, вклучително здравствените трошоци или увозот на фармацевтски производи. Исплатата на пензии ќе биде дозволена, а дозволено е и подигнување на пари од банкомати со картички на странски банки. Повлекувањето на готовина ќе биде ограничено на 60 евра на ден во текот на овој период. Ограничувањето за повлекување на пари во кеш од грчките банкомати нема да се однесува за туристите, се вели во соопштението на грчката влада.

Атина треба да му исплати 1,6 милијарди евра на Меѓународниот монетарен фонд утре.