Кери ја повика косовската опозиција да не фрла солзавец во парламентот

0
275

Американскиот државен секретар Џон Кери ги повика во средата во Приштина пратениците на косовската опозиција да престане да растура солзавец во парламентот, а младите ги повика на борба против корупцијата, исламскиот радикализам и етничките поделби.
Во посета на Приштина американскиот државен секретар Џон Кери се задржа кусо време, за да ја изрази загриженоста на западните земји поради бавноста на демократските процеси на Косово, кое минува низ длабока политичка криза со одбивањето, особено на опозицијата, да се почитува договорот за нормализација на односите со Србија, посебно во делот на договорената Заедница на српски општини, чиј покровител е Европската унија. Исто така, голем проблем за властите во Приштина е корупцијата, како и безредијата и опструкцијата на работата на парламентот од страна на опозицијата која на пленарните седници неколкупати фрла солзавец.

Опозицијата не го прифаќа договорот од Брисел во кој им се даваат одредени овластувања на косовските општини во кои мнозинство е српското население и право на финансиска помош од Србија, и толкуваат дека тоа ја загрозува независноста на Косово.

Албанските власти во поранешната јужна српска покраина Косово и Метохија во 2008 година со поддршка на САД и главните земји членки на Европската унија еднострано прогласија независност која Србија не ја признава, а договорот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина со посредство на Брисел се смета за значаен фактор во стабилизацијата на регионот.

„Парламентот треба да биде светилиште на демократијата, место на почитувањата, тоа не е место за солзавец и не е место за заплашување. Сите страни треба да се откажат од насилството во јавниот живот и да се обврзат на мирна и конструктивна соработка“, изјави Кери по средбата со косовскиот премиер Иса Мустафа.

Американскиот државен секретар притоа го пофали договорот меѓу Белград и Приштина. „Не се залажувајте: нема да поддржиме договор кој би му се заканувал на суверенитетот или безбедноста или независноста на Косово“, порача Кери.

Американскиот државен секретар изрази и голема загриженост поради радикализирањето на младите и невработените на Косово од кои, според некои податоци, најмалку 200 ѝ се приклучиле на терористичката организација Исламската држава во Сирија и во Ирак. „Сите мораме да сториме повеќе“, рече Кери алудирајќи на косовската влада, која сепак ја пофали во напорите против радикализацијата./крај/мф/мн