Кери, сепак, остана на набљудување во болница во Женева

0
172

Американскиот државен секретар Џон Кери кој во неделата ја скрши бедрената коска на десната нога во незгода со велосипед во близина на француско-швајцарската граница, остана измината ноќ на набљудување во болницата во швајцарска Женева, иако Стејт департментот претходно најави дека ќе биде пренесен во Бостон.

Според претходните најави, американскиот државен секретар Џон Кери требаше да биде пренесен изминатата ноќ во Бостон, во Општата болница Масачусетс, каде што работи докторот кој неодамна му го оперираше колкот. Меѓутоа, по дополнителните консултации одлучено од предострожност ноќта да ја мине во болницата во Женева на набљудување, па подоцна во понеделник да биде пренесен во САД, соопшти портпаролот на Стејт департментот, Џон Кирби.

Додаде дека и покрај повредата државниот секретар останал со „со ведар дух и активен“, како и дека имал повеќе телефонски разговори, вклучително и со американскиот претседател Барак Обама.

Несреќата се случи во округот Скионзие, во францускиот департман От-Савоа (Висока Савоја), во делот од рутата на којашто се вози познатата велосипедска трка Тур д’ Франс, од каде што 71-годишниот Кери со хеликоптер беше префрлен на универзитетската болница во Женева. Во несреќата не учествувало никакво друго возило, и државниот секретар на САД не ја загубил свеста, беше објавено.

Американскиот државен секретар Џон Кери и иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф започнаа во саботата интензивни разговори во рамките на подготовките за историскиот договор за контроверзната иранска нуклеарна програма до крајот на јуни.

Кери уште во неделата требаше да отпатува во Мадрид, во прва посета како државен секретар на Шпанија каде што требаше да потпише билатерален одбранбен договор кој на САД ќе им овозможи трајно користење на воздухопловната база Морон крај Севиља, а потоа да го посети и Париз, но овие средби сега се откажани.