Ким Јонг-Ун нареди нуклеарниот арсенал да биде подготвен за употреба

0
457

Севернокорејскиот челник Ким Јонг Ун наредил во петокот нуклеарниот арсенал на неговата земја да биде во секој момент подготвен за употреба, а САД веднаш одговорија дека Пјонгјанг мора да се воздржи од провокативни акции кои ја отежнуваат состојбата и повторно изразија сомневање за способноста на Северна Кореја да изведе нуклеарни напади.

„Мораме да бидеме постојано подготвени во кој и да е момент да го употребиме својот нуклеарен арсенал“, изјавил Ким Јонг-Ун, пренесе севернокорејската државна новинска агенција KCNA.

Како одговор на резолуцијата на Советот за безбедност при ОН од средата за заострување на меѓународните санкции против Пјонгјанг, Северна Кореја изведе тестирање на повеќецевен ракетен систем. Како што објави во петокот агенцијата KCNA со тестирањето лично раководел младиот претседател на оваа изолирана комунистичка земја, кој е и врховен командант на вооружените сили со ранг на маршал. Исто така, Северна Кореја истрела и повеќе проектили со кус дострел во четвртокот, кои паднаа во Јапонското Море пред нејзиниот источен брег.

Нагласувајќи го „опасниот карактер“ на скорешните американско-јужнокорејски воени маневри, севернокорејскиот лидер рекол дека „земјата мора во секој момент да биде подготвена да го употреби нуклеарното вооружување во самоодбрана“. Ким наредил да се распореди таквото вооружување и другите неодамна создадени ударни системи „на оперативна насока на врховната команда на Корејската народна армија“.

Ги повикал научниците и технолозите „да преземат мерки за натамошно зајакнување на нуклеарните сили за одвраќање во квантитативна и квалитативна смисла“ во пресрет на Седмиот конгрес на Работничката партија на Кореја, кој ќе се одржи во март годинава.

„Во сегашната екстремна ситуација, зајакнувањето на нуклеарниот потенцијал е единствениот начин да се заштити суверенитетот на нашата земја“, го цитира Ким Јонг-Ун агенцијата KCNA, кој бил во придружба на секретарот на Централниот комитет на партијата Чој Рјонг Хе, заменикот министер за одбрана генерал-полковникот Јунг Тон Хјун и други високи офицери.

Во коментарот на KCNA се истакнува дека САД и нивните сојузници „го засилуваат политичкиот, економскиот и воениот притисок врз Пјонгјанг по решението на Северна Кореја да преземе чекори за зајакнување на нуклеарниот арсенал за одвраќање и лансирањето на ракетата носач со сателит“. Се одбележува и дека непријателските сили предводени од САД „одобриле резолуција без преседан за воведување санкции против Северна Кореја, за поткопување на нејзините права како суверена земја“. Во таквите услови, се додава во коментарот, челникот на земјата Ким Конг-Ун раководел со тестирањето на новиот повеќевцевен ракетен систем со голем калибар кој овозможува да се зајакне ударната моќ на Корејската народна армија“, пренесе од Пјонгјанг агенцијата ТАСС.

„Свесни сме за извештајот и внимателно ја следиме состојбата на Корејскиот полуостров во координација со нашите регионални сојузници“, изјави портпаролот на американскиот Стејт департмент, Бил Урбан. Според него, САД „ја повикуваат Северна Кореја да се воздржи од провокативни кации кои ги зголемуваат тензиите и, наместо тоа, да се насочи кон исполнувањето на своите меѓународни обврски“, пренесува Reuters.

Неименуван функционер на американската армија истовремено за AFP изјавил дека анализата на американската влада во врска со способноста на Северна Кореја да изведе нуклеарен напад „не е променета“. „Не видовме дека Северна Кореја тестирала или покажала дека е способна да минијатуризира нуклеарна глава, ниту да ја постави на интерконтинентален балистички проектил“, рекол. Додал дека „силите (на САД) доколку е неопходно, се подготвени за уништувачки одговор“.