Кинескиот претседател во Белград

0
632

Си Шинпинг е првиот претседател на Кина кој доаѓа во Белград по повеќе од 30 години. Тој и српскиот претседател Томислав Николиќ ќе постават камен-темелник за изградба на Кинескиот културен центар во Белград, ќе откријат споменик на кинескиот филозоф Конфучие, како и табли на новоименуваната улица на Конфучие и Плоштадот на пријателството меѓу Србија и Кина.

Двајцата претседатели ќе положат венци на споменикот на загинатите службеници од амбасадата на Кина во бомбардирањето на НАТО во 1999 година, и ќе прошетаат со сопругите на Калемегдан.

На вториот ден од посетата, 18 јуни, ќе се одржи состанок на претседателите на Србија и Кина, како и состанок на двете државни делегации, по што ќе бидат потпишани повеќе меѓудржавни договори, меѓу кои и меморандум за изградба на стратешко пристаниште во близина на белградскиот мост „Михајло Пупин“, на Дунав, во вредност од 300 милиони долари.

Николиќ ќе му врачи на Си Шинпинг Орден на Република Србија на голем ѓердан. По церемонијата, претседателот на Кина ќе се состане со српскиот премиер Александар Вучиќ, како и со претставници на владата на Србија и претседателот на Собранието, Маја Гојковиќ.

Двајцата претседатели в недела, 19 јуни, ќе ја посетат железарницата „Смедерево“, која неодамна ја купи кинеската компанија „Хестил“, каде што домаќин ќе биде премиерот Александар Вучиќ.