Клучни парламентарни избори во Турција, моќта на Ердоган на тест

0
739

Турците денеска гласаат на парламентарните избори, вторпат во последните пет месеци, поради неспремноста на политичките партии да работат заедно, објавија медиумите.

На први ноември во Турција се одржуваат парламентарни избори, на кои граѓаните ќе гласаат вторпат во последните пет месеци.

Изборите се резултат на неуспехот на Партијата за правда и развој (АКП), формирана од претседателот на државата Реџеп Таип Ердоган, да го задржи огромното мнозинство на парламентарните избори во јуни годинава.

Во подоцнежните неколку месеци беа направени неколку обиди да се создаде коалициска влада во земјата, но без успех.

На денешните избори безбедноста е зголемена низ целата земја поради претходните инциденти, меѓу кои и низа бомбашки напади за кои се верува дека се дело на Исламска држава.

Ердоган, од своја страна, вети дека ќе ја одржи стабилноста во својата земја ако неговата партија со исламистички корени го освои мнозинството.

„Овие избори се за континуирана стабилност и доверба“, изјави Ердоган во саботата.

Потенцијалниот неуспех на партијата АК да обезбеди еднопартиско мнозинство во парламентот од 550 места за време на денешните избори може да значи дека партијата ќе треба да седне на преговарачка маса или со турската главна опозициска Републиканска народна партија (ЦХП) или со Партијата за националистичко движење (МХП).

На изборите во јуни АКП не успеа во обидот да ја претвори Турција во претседателска република, за што е потребно двотретинско мнозинство гласови.

Прокурдската Демократска народна партија (ХДП) тогаш успеа да го премине прагот од 10 отсто и првпат си обезбеди место во парламентот на Турција.

www.mkd.mk