Кога би имало војна помеѓу Русија и САД, Путин вели…

0
357

Владимир Путин на познатиот филмски режисер Оливер Стоун му даде низа интервјуа, во кои тој одговора на најконтроверзните прашања од меѓународната политика.

Зборувајќи за можниот воен конфликт помеѓу Русија и САД, рускиот претседател изјави дека никој на земјата не би преживеал.

„Мислам дека никој нема да преживее (таков конфликт)“, изјави Путин на прашањето дали САД би доминирале во „жешката војна“ против Русија. Дел од интервјуто делумно е емитуван на телевизијата Шоутајм.

Путин додаде дека Северноатлантската алијанса (НАТО) е во постојана потрага по непријатели за да го оправда своето постоење. „Веќе не постои Источен блок, не постои Советски Сојуз. Зошто тогаш се уште постои НАТО? Мој впечаток е дека, со цел да го оправда своето постоење, НАТО има потреба од надворешен непријател, постои постојана потрага за непријател или некој акт на провокација за некој да се именува како противник“, рече Путин.

Меѓутоа, Путин рече дека има надеж за нормализација на руско-американските односи. „Америка имаше избори. Доналд Трамп победи. Има ли надеж за промени?“, го праша Стоун Путин.

„Надеж? Надеж секогаш постои. Се додека не нѐ закопаат“, изјави Путин.

Спутник, кој пренесе дел од интервјуто, потсетува дека американскиот претседател Доналд Трамп претходно на државниот секретар на САД му нареди да ги подобри односите со Русија.

„Претседателот јасно до знаење ми даде да не дозволам она што се случува во политиката да ми смета во извршувањето на работата што ми е доверена. Тој сосема јасно истакна дека мораме да постигнеме напредок“, рече Тилерсон.

Порталот Вариету.цом пренесе дека рускиот претседател и режисерот Стоун при подготовката за интервјуто го гледале познатиот игран филм на режисерот Стенли Кјубрик, „Д-р Стрејнџлов или: Како научив да не се грижам и ја засакав бомбата“, кој зборува за хипотетички нуклеарен конфликт меѓу СССР и САД.

Весникот Дејли бист, наведе дека претседателот на Русија рекол дека Кјубрик предвидел некои современи проблеми, па дури и од техничка гледна точка, „работите што нѐ тераат да се замислиме за вистинските закани кои постојат… Работата е дека од тогаш малку нешта се сменети. Единствената разлика лежи во фактот дека современите системи на вооружување стануваат се пософистицирани и посложени. Меѓутоа, идеите за реактивна примена на оружјето и неможноста таквите системи да се контролираат се сѐ уште точни“, изјави Путин.

Интересен инцидент се случи по гледањето на филмот, кога Стоун на Рускиот претседател му поклони дивиди со филмот, по што Путин замина. Меѓутоа, се покажа дека кутијата е празна. Кога ова го откри, рускиот лидер се врати и му покажа на Стоун дека му ја дал само опаковката на дискот. Самиот диск со филмот продуцентите на американскиот режисер заборавиле да го стават во опаковката. „Типичен американски подарок!“, рече рускиот лидер.

www.mkd.mk