Кога повторно ќе свирне возот во Кременица?

0
211

Изградена во далечната 1894 година по иницијатива на германскиот банкар Алфред Канола, железничката пруга Битола-Лерин со години беше често користена како транспортно средство. За тоа сведочат и жителите на пограничното село Кременица од каде што минува пругата. Велат дека со носталгија се сеќаваат на времето кога секој ден возот за Лерин им трубел под прозорец. Од последниот звук на возот во Кременица па до денешен ден поминаа 26 години.

-Имаше возови по неколку пати одеа и се враќаа. Таму имаше железничка станица, ќе застанеше тука, ќе застанеш и Жабени и право за Битола, раскажува Илија Стојановски.
-Имаше многу луѓе што патуваа за Грција. Тука немаше текстил, таму беше поарно, купувавме облека, ќебиња, маслинки. Исто така, луѓето со возот одеа да ги видат роднините по селата во Грција, вели Стојче Кочовски.
Долго најавуваната реконструкција на пругата започна оваа година, неодамна се започна со демонтирањето на старите шини.
Повозрасните жители се надеваат дека ќе дочекаат повторно да се качат на возот за Грција, а возот го очекуваат и битолчани.
-Ќе одам, како не ќе одам. Двапати сум бил со кола, сега чекам да го пуштат возот, само да сум здрав и жив, вели Илија.
-Нема поевтино превозно средство од возот, тоа е корисно за секој. Но, пругата е многу запоставена, се надевам дека ќе се реконструира,изјави еден битолчанец.
Проектот за реконструкција на пругата од Битола до Кременица, во должина од 17 километри , чини 21 милиони евра, средства обезбедени од ИПА фондовите. Делницата од грчка страна до граница е од поодамна реновирана, сега се очекува делот на македонската страна. Железничкото поврзување со солунското пристаниште ќе значи побрз и поевтеин транспорт на стоки за компаниите од Пелагонискиот регион.
-Со зголемувањето на осовинското оптоворување на железничката пруга, што ќе се случи со оваа реконструкција, ќе се овозможи по оваа деленица да сообраќаат и товарни вагони, што значи уште еден додатен импулс за стопансвото во регионот, вели м-р Ѓоко Стрезовски, претседател на Советот на Пелагонискиот регион.
Железничката делница согласно проектот, треба да биде завршена до 30 јули наредната година.