Кога во пензија?

0
922

Деновиве актуелна тема е кога во пензија? Од ММФ и од Светска банка бараат зголемување на старосната граница за пензионирање како и на стапката за придонеси, за одржливост на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Министерот за финансии Кирил Миновски вели дека нема да се промени старосната граница на вработените за заминување во пензија, не се размислува и за промена на процентот на социјалните придонеси. Според законските прописи во Република Македонија, во пензија се оди на 64 години за мажи и 62 години за жени.

Граѓаните на Битола оние кои што ги анкетиравме не се сложуваат да има зголемување на старосната граница.

Монетараците посочуваат дека властите треба да се воздржат од нови бенефиции и зголемувања на пензиите. Анализата покажала дека државниот пензиски не може да собере доволно пари во касата од основните приходи, поради што недостигот на пари потребни за исплата на пензиите постојано расте. Причината за состојбата во фондот ја лоцираат во ниските стапки за придонеси што се плаќаат за работниците, бенефициите за пензионерите и евтината работна сила. Доколку не се преземат мерки за одржливост на фондот, монетараците прогнозираат дека дефицитот на фондот од 4,5 отсто од БДП во 2030 година ќе достигне 10,5 отсто.

Но не само ММФ, за неодржливоста на државниот пензиски фонд и неговата зависност од централниот буџет предупреди и Светска банка. Како причина за притисокот врз Фондот за ПИОМ, Светска  банка ги посочи новите вработувања потпомогнати со владините мерки, кои предизвикале намалување на приходите во фондовска каса, поради што дефицитот се покрива со пари од централниот Буџет.

Според податоците трансферите од централниот буџет за Фондот за ПИОМ од 235,3 милиони евра во 2011 година, оваа година достигнаа 425 милиони евра. Догодина државата на фондот ќе му префрли 452,5 милиони евра за да го покрие недостигот на пари за исплата на пензии. Иако меѓународните институции повикуваат на воздржување од нови зголемувања на пензиите, тие продолжуваат. Непосредно пред претстојните избори односно следниот месец пензионерите ќе добијат пет процентно зголемување на пензиите.