Кој е човекот поради кој ФБИ ја обновува истрагата против Клинтон

0
398

Ентони Вајнер, во чиј компјутер беа најдени мејлови на кандидатката на демократите за претседател на САД, Хилари Клинтон, поради што ФБИ најави дека ќе отвори повторна истрага против неа, е поранешен демократски конгресмен од Њујорк, кој се кандидираше и за градоначалник на „Големото Јаболко“.

Мејловите на Клинтон беа откриени за време на федерална истрага поради СМС-пораки со сексуална природа што Вајнер му ги праќал на 15-годишно девојче, велат американските медиуми, при што Си-би-ес објави дека нејзините мејлови биле најдени во лаптопот што заедно го користеле Вајнер и неговата сопруга Хума Абедин, долгогодишна соработничка на Клинтон, со која Ванјер во меѓувреме се разделил.

Политичката кариера на Вајнер (52) пропадна пред неколку години, поради неговите „индискретни пораки преку интернет“, вели Њујорк тајмс.

Падот на поранешниот конгресмен од Њујорк во очите на јавноста почна, всушност, во мај 2011 година, кога на неговиот твитер-профил беше објавена компромитирачка фотографија, за која тој првично ја негираше одговорноста тврдејќи дека е хакиран.

Скандалот, сепак, се разгоре кога беа разоткриени и неговите непристојни разговори со други жени на интернет, па тој на 16 јуни 2011 најави оставка во Конгресот на конференција во Бруклин извинувајќи се за „личните грешки и срамот што го предизвикал“.

Во пролетта 2013 година, две години откако неговата кариера доживеа речиси фатален крах, Вајнер соопшти дека ќе се приклучи во трката за градоначалник на Њујорк, и тогаш, како што покажуваа анкетите, постоеја некои охрабрувачки знаци дека тој би можел да доживее политичка преродба.

Сепак, откривањето нови онлајн-пораки со непристојна содржина го принуди да признае дека продолжил на своите женски поддржувачи да им испраќа слики и текстуални пораки од сексуална природа најмалку една година по напуштањето на Конгресот, па на изборите освои помалку од пет отсто од гласовите.

Сопругата на Вајнер, Абедин, во август годинава изјави дека ќе се разведе од него по уште една објава, овојпат во Њујорк пост, дека продолжил да разменува недозволени онлајн-пораки со една жена, а помалку од еден месец подоцна Дејли мејл објави дека тој такви разговори има и со 15-годишно девојче.

ФБИ во петокот објави дека во текот на истрагата за незаконските разговори што Вајнер ги водел со девојчето, открило и нови мејлови во врска со случајот на Хилари Клинтон, што ја потресе претседателската кампања на само 11 дена пред изборите, вели њујоршкиот весник.

www.mkd.mk

Без коментари

LEAVE A REPLY