Кој ќе плаќа пензии после 5 години?

0
9563

Македонија за околу 5 години ќе стане земја на пензионери без пензии. Ова е прогнозата на Светска Банка изнесена во најновиот извештај за Македонија. Нивните анализи говорат дека заради погрешни политики во делот на пензиските фондови, поништени се сите позитивни реформи кои се направиле во однос на пензиското осигурување и, како што велат на среден рок доведена е во прашање непречената исплата на пензии.
Имено, Светска Банка потенцира дека иако во изминативе години направени се здрави реформи во пензискиот систем, особено со зголемувањето на возраста за пензионирање кај старосната и кај инвалидската пензија, сепак ефектите од успехот на овие реформи за заздравување на пензискиот фонд се неутрализирани со мерките на властите кои требаше да поттикнат вработување и да го подигнат животниот стандард на наслението, а го засегаат пензискиот систем. Така, ФПИОМ е значајно ослабен од мерките со кои во периодот 2009 – 2010 година обврската за плаќање на придонеси за пензиско осигурување на вработените лице се намали за 3%, а една поширока категорија на лица, особено во индустриските зони беа и целосно ослободени од придонеси за пензиско осигурување, како мерки кои треба да ја стимулираат вработеноста и од мерките за годишно зголемување на износот на исплатената пензија. Контраефектот на овие мерки се покажа во недостатокот на средства во ФПИОМ и потребата централниот буџет да мора редовно да го покрива тој недостаток на средства за пензии кој од година во година е се поголем и според Светска Банка ќе продолжи да се зголемува. Ова значи дека сегашните вработени не можат да соберат доволно пари во Фондот за да ги исплатат пензиите на сегашните пензионери, а со оглед на фактот што македонската нација забрзано старее и се пензионира, а младите се помасовно се исселуваат на место да се вработуваат тука, идните пензионери навистина имаат за што да се грижат. Светска Банка веќе и во овој извештај бележи раст на сиромаштијата кај пензионерите, но не заборава да нагласи дека сеуште најсиромашен дел од населението се младите.