Која ќе биде цената на пченица?

0
547

Мелничарите бараат цената на пченицата годинава да не биде повеќе од осум денари за килограм.

Објаснуваат дека проблемите со кои се соочуваат, се резултат на договорените цени и несоодветните решенија во изминатиот период. Единствен критериум додаваат е пазарната цена, а таа е утврдена на берзата во Нови Сад.

„Разумна цена за домашното лебно жито би била најмногу осум денари за да се произведе брашно со кое би конкурирале на производителите од соседството“- кажале мелничарите на последниот состанок во Стопанската комора на Македонија.

Тие се изјасниле дека им е потребен простор за фер натпревар во однос на квалитетот на произведеното брашно.

Не се задоволни и со измената на Уредбата за поблиските критериуми за директни плаќања, корисниците на средствата, максималните износи и начинот на директните плаќања за 2016 година со која, наведува Комората, беше предвидено на мелничарите да им се исплаќа по еден денар за килограм откупена пченица од реколтата 2015 година.

Компаниите инсистираат Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да ја измени Уредбата и повторно да биде уредена мерката за директни плаќања  за откупена  пченица од реколтата 2015 од домашно  производство. Воедно бараат и да се вратат на сила критериумите кои важеа и за увозниците на брашно.

Ако има препорачана цена за домашната суровина, тогаш би требало да има препорачана цена и за  брашното, велат мелничарите.

Групацијата на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора на Македонија го одржа последниот состанок пред осум дена, на 21 јуни годинава.

Пред 20 тина дена пак кога министерот за земјоделство Михаил Цветков беше во посета на Пелагонискиот регион предложи три конкретни мерки за заштита на откупната цена на пченицата.Првата беше складирање на пченицата со што ќе се намали притисокот од појавата на вишок пченица на пазарот, втората откупот на пченицата за државните резерви да се врши само за пченица од македонско потекло, а третата интервентен откуп на пченица со која ќе бидат опфатени поголем број на земјоделски стопанства. А од Сојузот на земјоделци на Македонија рекоа дека не прифаќаат пониска цена за пченицата од 11 денари

-Оваа година ќе имаме најбогата жетва во просек околу 5 тона.Но со овие цени кои ги најавува мелничарската индустрија  со тие 5 тона ние најверојатно ќе работиме како гулабите за сламата. Се надевам дека Владата ќе не поддржи и нема да дозволи пченицата повторно да ја земаат за бадијала. Се надеваме дека во следниот период ќе најдеме заедничко решение со мелничарите.Најниска цена која е за нас прифатлива е 11 денари и од неа неможе пониско, изјави Вељо Тантаров, претседател на Сојуз на земјоделци на Р Македонија

Земјоделците револтирани најавија блокада на сите патишта во државава, ако мелничарите не ја откупуваат пченицата по 12 денари.