Колку жени управуваат со компании?

0
172

Само една третина од македонските компании имаат менаџерки. Ова го покажуваат резултатите од истражувањето за родова застапеност на раководни позиции во Македонија, кое се реализираше од април до јуни оваа година.

Според одговорите на испитаниците, во најголем број на македонските големи и средни компании мажи се сопственици или генерални менаџери , додека жени менаџираат во 33 отсто од компаниите, а само 27 проценти се сопственички.

Испитаниците сметаат дека клучните препреки за жените да не се промовираат на највисоките раководни позиции се дека тие треба да се сигурни дека се способни да извршуваат нова функција, за да се согласат да ја прифатат , дека жените работат на социјално одговорни цели и не се фокусирани само на постигнување финансиски цели и дека тие се воспитуваат да се грижат за семејството, а не да бидат жени со успешна кариера.

А жените испитанички, одговориле дека се соочиле со ситуации кога работеле долго време за да завршат некој проект, а потоа маж ја презел заслугата за тоа , исто така дека се соочиле со стереотипи дека жените-управители се непријатни и заповедливи или дека кога конкурирале за повисока позиција, работата ја добил маж, иако нивното искуство и вештини биле на исто или дури повисоко ниво од неговите .
Иако 65% од вработените во големите и средните компании во Македонија сметаат дека родовата рамноправност во управувањето е многу важна, дури 60% велат дека нивната компанија нема спроведено активности за полово врамнотежено управување и не планира да го направи тоа.
Истражувањето било спроведено на примерок од 1.200 големи и средни компании во Македонија, а во него учествуваа 304 испитаници вработени во компаниите.

Без коментари