Конечни резултати без дијаспората: ВМРО-ДПМНЕ освои 16.240 гласа повеќе од СДСМ

0
1963

Бројот на освоени гласа за ВМРО-ДПМНЕ изнесува 452.709 илјади или 38,06%, а за СДСМ бројката е 436.469 или 36,69%. Разликата е 1,37% или 16.240 гласа освои повеќе коалицијата на владејачката партија од коалицијата на социјалдемократите. Ова се резултатите од обработените гласачки места во сите шест изборни единици, без гласовите од дијаспората. Од Изборната единица 7 (гласовите во странство) во овој собраниски состав најверојатно нема да има ниту едно пратеничко место.

Државната изборна комисија најави дека денеска ќе го соопшти и бројот на освоени пратенички мандати. Синоќа во Скопје славеа членовите и симпатизерите и на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ. Лидерите на двете партии прогласија победа.

„Ги чекаме резултатите, но во моментот водиме со еден мандат повеќе. Падна режимот со пенкало, со глас. Победи животот”, рече Зоран Заев, претседателот на СДСМ вчера на прославата пред Владата.

„Победник на овие избори е ВМРО-ДПМНЕ”, изјави по полноќ партискиот лидер, Никола Груевски, и им се заблагодари на сите граѓани кои гласале на изборите, а посебно на оние кои гласале за неговата партија.

Што се однесува до албанскиот политички блок, ДУИ освои најмногу гласа, 86.812 (7,30%). Но, на политичката сцена во Македонија меѓу Албанците се појавија уште две политички партии – движењето Беса со освоени 57.927 гласа или 4,87% и коалицијата Алијанса за Албанците (Движењето за реформи на ДПА и Унитети) кои освоија 35.091 или 2,95 отсто од гласовите. Најголем губитник е ДПА со освоени 31.017 гласа или 2,61 отсто. Лидерот на ДПА Мендух Тачи најави повлекување од претседателската функција, но вети поддршка на коалицијата помеѓу Беса и НДП.

Обидите за формирање на некаков трет блок, не некаков центар пропаднаа и на овие избори. Коалициите ВМРО за Македонија (24.449 – 2,06%) и Коалицијата за промени и правда – трет блок  (10.083 – 0,85%) не успеаја да освојат ниту едно пратеничко место.

Новата политичка опција, партијата Левица исто така нема да влезе во Собранието, но бројката од освоени 12.119 гласови (1,02%) претставува голем успех за нив.

ДИК и главните политички партии оценија дека изборите во Македонија поминаа во мирна, фер и демократска атмосфера.

mkd.mk