Контрадемонстранти пред Уставен

0
555

Со три големи шатори и во масовен број, граѓаните кои се одзваа на повикот на лидерот на ГРОМ – Стевчо Јакимовски уште од утринава се собраа пред Уставниот суд. Тие велат дека денеска се собрани да протестираат против „се што е негативно“, а дел оти слушнале на телевизија дека имало најава за насилство врз судиите.

Градоначалникот на Карпош и лидер на ГРОМ Стевчо Јакимовски денеска пред Уставниот суд објасни дека причина за денешниот собир е со цел да им дадат поддршка на уставните судии кои утре ќе одлучуваат дали ќе ги зголемат ингеренциите на претседателот за помилување на изборен криминал.

Тој вели дека граѓаните мора да бидат подготвени со жив штит да ги бранат институциите. Тој најави „мирно бранење“и праша што ќе прават полицајците кога министерот за внатрешни ќе тргне на протест.

За вечерва најавен е и протестен марш на граѓанската платформа АЈДЕ, на која се приклучија и партиите СДСМ, Левица, Демократскиот Сојуз, ДОМ, ФРОДЕМ, ЛДП и Движење на Турците. Протестот ќе започне во 18 часот пред Влада, демонстрантите ќе продолжат пред Народната канцеларија на претседателот Иванов, потоа пред Собранието и ќе завршат пред Уставниот суд, за каде е најавено бдеење над Уставот, а ќе кулминира во среда кога ќе ги пречекаат уставните судии кои на седница треба да одлучуваат за иницијативата, да се прогласат за неуставни дел од одредбите на Законот за помилување.

Седницата на Уставниот суд е закажана за утре во 9 часот. Доколку и во втората фаза помине Иницијативата за измени во Законот за помилување, која наиде на бурни реакции во јавноста, тогаш претседателот ќе има зголемени ингеренции и ќе може да помилува затвореници кои се осудени за изборен криминал, кривични дела против полова слобода и морал и недозволено производство и пуштање во промет на дрога.