Контроверзна инсталација со ликот на Хитлер го вознемири Берлин

0
285

Инсталацијата е поставена само неколку стотици метри од бункерот каде што Хитлер извршил самоубиство во 1945 година.

Контроверзна уметничка инсталација во Берлин, каде што лицето на Адолф Хитлер осветлува зграда во центарот на главниот град на Германија, шокираше многумина жители на градот, објавија денес локалните медиуми.

Еден возач бил толку шокиран кога ја видел инсталацијата, која е изложена во склоп на едномесечниот фестивал на осветлување, што повикал полиција.

Хитлер е едно од 12-те познати лица што биле избрани да бидат дел од уметничкиот проект на дизајнерот на светлечки тела Андреас Белке за учество на фестивалот „Берлин блеска“, кој ќе трае еден месец.

Лицето на Хитлер, на кое очите се движат како да превртува со нив, осветлува зграда на плоштадот Лајпцигер, додека во заднината се гледаат низа нацистички знамиња со затемнети свастики.

Инсталацијата е поставена само неколку стотици метри од бункерот каде што Хитлер извршил самоубиство во 1945 година.

На зградата се наоѓа и лицето на озлогласениот нацистички шеф за пропаганда Јозеф Гебелс, кој извикува: „Сакате ли комплетна војна?“

Прикажувањето нацистички симболи што го величат Третиот рајх во Германија е забрането, но полицијата објаснила дека инсталациите со ликовите на Хитлер и на Гебелс добиле одобрение, бидејќи се уметничко дело.