Копа Америка: Варгас го однесе Чиле во финалето

0
145

Фудбалската репрезентација на Чиле избори пласмна во финалето на 44-то издание на Копа Америка. Чиле во првото полуфинале славеше над Перу со 2:1.

Чиле кој е домаќин на турнирот по пауза од 28 години повторно ќе игра во финалето на најстарото континетално натпреварување во светот.  Чилеанците досега четири пати играле во финалето, но никогаш не ја освоиле титулата.

Полуфиналето на Националниот стадион донесе фантастична атмосфера, исклучитена борбеност, атрактивни потези, брутални стартови, еден брилијантен гол и нескриена поддршка на судиите за домашната репрезентација.

Хосе Арготе судијата од Венецуела практично го реши мечот кога во 20.минута му го покажа вториот жолт картон на дефанзивецот на Перу, Карлос Самбрано.

Инаку претходно главниот судија, по само седум минути игра, пропушти да му го покаже патот во соблекувалната на Артуро Видал.

До моментот на исклучувањето на Самбрано, Перу ја имаше иницијативата, а Гереро во 10.минута го погоди дирекот од голот на Клаудио Браво.

Чиле предноста од играч повеќе ја материјализира во финишот на првиот дел кога гол постигна Едуардо Варгас. Перу израмни по еден час игра со автоголот на Медел, а пет минути подоцна Варгас постигна брилијантен гол кој го однесе Чиле во финалето.

Противник на домаќинот во финалето ќе биде победникот од пресметката помеѓу Аргентина и Парагвај.