Косово се лизга кон политичка криза

0
344

Косово се соочува со потенцијална политичка криза откако новиот состав на парламентот вчера не успеа да избере претседател, пишува Франс прес.

Тоа предизвикува сомнеж дали коалицијата која победи на изборите во јуни воопшто може да обезбеди мнозинство.

Изборот на претседател на парламентот е од клучно значење, бидејќи, како што се проценува, покажува дали коалицијата која вклучува поранешни команданти на УЧК може да собере доволно гласови за да именува премиер.

На изборите најмногу гласови доби таканаречената „воена коалиција“ предводена од Рамуш Харадинај, но таа има само 39 од 120 места во парламентот.

Следува Самоопределување со 32 места, и Демократскиот сојуз на Косово со 29, кои одбиваат да влезат во коалиција со „воената алијанса“, што спречува формира стабилна влада.

Изборот на претседател е клучен чекор за конституирање на парламентот и овозможува претседателот да именува премиер, пишува француската агенција и додава дека мандатарот има 15 дена да предложи состав на владата кој треба да го одобри парламентарното мнозинство.

Неуспешниот вчерашен обид да се избере претседател на парламентот предизвика загриженост меѓу аналитичарите дека Косово се движи кон нови избори.

„Ако Самоопределување или коалицијата предводена од ДСК не ја поддржат „воената коалиција“, тогаш Косово би можело да оди на нови избори“, вели политичкиот аналитичар Рамуш Тахири за Франс прес.

www.mkd.mk

Без коментари