Коѕиас: Влегување на вашата земја во ЕУ и НАТО според пропишаните правила и принципи

0
444

Грција две децении беше осамена земја од регионот помеѓу членките на НАТО, но и на ЕУ. Веруваме дека влегувањето на Западен Балкан, меѓу кои и вашата држава ќе биде олеснување и ќе придонесе во развојот на целиот регион. Меѓутоа, влегувањето во овие две тела мора да биде според пропишаните принципи и услови. Ова го порача грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕиас, по средбата со неговиот македонски колега Никола Димитров.

Тој истакна дека тие не се за менување на државни граници, туку за гарантирање на суверенитетот на земјите и нивните граѓани. Немаше конкретни изјави за понатамошните чекори во решавање на спорот со името.

Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Димитров посочи дека меѓудругото зборувале и за ова прашање во насока на тоа како би течел процесот на преговори.

Двајцата ја потенцираа желбата за развивање на добрососедските односи и продлабочување на соработката во областа на економијата, безбедноста итн. Ќе има соработка помеѓу политичките академии, ќе се работи на инфраструктурата за гас, соработка помеѓу универзитетите и едукација на младите.

На новинарско прашање дали во плановите на Македонија е промена на имиња на аеродромот и автопатот, Димитров дипломатски одговори дека во фокусот им е европскиот пат на државата и оти ова им е само втора средба и за такви прашање се уште не може да даде конкретен одговор.

По средбата во МНР, грчката делегација на чело со Коѕиас ќе се упати кон владината зграда, каде ќе одржи средба со македонската делегација предводена од премиерот Зоран Заев.

Спред најавите, за попладнево планирани се и средби со вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, претседателот Ѓорге Иванов, како и со претседателот на Собранието, Талат Џафери, и претседателот на ДУИ, Али Ахмети.

Посетата на Никос Коѕиас се смета за возвратна откако во јуни Никола Димитров ја посети Атина. Тоа беше неговата прва посета во странство по стапувањето на функцијата министер за надворешни работи.

http://plusinfo.mk

Без коментари