Крај на протокот мигранти низ Западен Балкан?

0
425

ЕУ и Турција ги утврдија основите на можниот договор за враќање илјадници мигранти во Турција што би бил усвоен на самитот најавен за 17 март. Начелно прифатени биле и барањата на Анкара за дополнителна парична помош, забрзување на разговорите за членство во Унијата и за безвизниот режим.

По вчерашните разговори во Брисел, евро лидерите оценија дека предлогот понуден од Турција, според кој за секој вратен мигрант, Европската унија треба директно да земе еден сириски бегалец од Турција, претставува добар почеток за конечен договор во идната недела.

„Вистина е дека Турција на самитот дојде со атрактивни предлози и верувам дека многумина беа изненадени“, изјави грчкиот премиер Алексис Ципрас.

Германската канцеларка Ангела Меркел, британскиот премиер Дејвид Камерон и лидерите на Европската унија Жан Клод Јункер и Доналд Туск, предлогот на Турција го оценија како пробив кој преку дополнителна работа ќе доведе до ефикасен план.

Според Туск, кој е задолжен да ги договори деталите на спогодбата со Турција, деновите на нерегуларната миграција во Европа завршиле.„Најпрвин, би сакал да ја објавам одлуката на лидерите на ЕУ за запирање на бранот, односно дека му доаѓа крајот на нерегуларниот проток на мигранти по должината на Западен Балкан“, изјави Туск на денешната прес-конференција.

Турскиот премиер Ахмед Давутоглу, пак, прецизира дека Анкара е подготвена да ги земе назад сите мигранти кои влегле во Европа од турска територија.

Во замена за запирањето на бранот, Давутоглу побара и двојно повеќе финансиска помош од претходно ветената од 3 милијарди евра со цел да им се помогне на сириските бегалци кои остануваат во Турција.

„Турција бара повеќе пари? Не. Турција не бара никакви пари од никој. Турција троши за бегалците од националниот буџет. Сакам да биде јасно: ние бараме фер распоредување на товарот со сириските бегалци“, рече Давутоглу.