Кралски игри-за љубовта и власта

0
1348

Кралски игри е насловот на најновата премиера на сцената на битолскиот театар, по текст на Григориј Горин а во режија на Љупчо Ѓорѓиевски.

Кралски игри е приказна за еден владетел, Хенри 8 -ми, кој ја прибира целокупната световна и духовна власт. Неговата апсолутна моќ, прекршувајки се во огледалото на неговата љубена жена, се распарчува на илјадници делови на суета, завист, страв, љубомора. Тука е прашањето да се биде крал или човек, да се прегрне власта или љубовта. – Ова е претстава и за оние кои го создаваат владетелот апсолутист, се со цел на лична корист и кога владетелот го нема, тие преживуваат бидејки веднаш се брза да се создаде нов владетел со иста цел -истакнува режисерот Ѓорѓиевски.

Инспирацијата за Кралски игри кај Горин, потекнува од историската драма на Максвел Андерсон- Илјада денови на Ана Болејн, заснована врз хрониките на владеењето на Хенри 8- ми.

Овој текст создава богата сценска фантазија на тема меѓу љубовта и жестоката игра со страстите.

Оваа тема е многу значајна заради тоа што љубовта помеѓу Хенри осми и Ана Болејн, резултира со една голема промена во англиската историја со реформација на англиската црква .Во ликовите на Ана и Хенри се јавуваат Петар Горко и Катерина Аневска.

Во претставата покрај нив играат и Иван Јерчиќ, Луција Јерчиќ, Слободан Степановски, Викторија Степановска, Соња Михајлова, Борис Чоревски, Борче Ѓаковски, Сандра Грибовска, Душко Јовановиќ, Васко Мавровски, Александар Копања, Никола Пројчевски, Петар Спировски, Јулијана Стефановска, Александар Стефановски, Огнен Дранговски.

Сценографијата на Кралски игри е на Валентин Светозарев, музиката на Марјан Неќак, костимографијата на Андреј Ѓоргиевски.

Горин е еден од најзначајните и најпопуларни драматурзи на Русија, класик на сатиричната проза. Благодарение на тоа што Горин во повеќето свои дела го поттикнува гледачот да ја преиспита својата претстава за светот на историските настани, неговите дела се актуелни и денес.

 

 

Без коментари

LEAVE A REPLY