Кражбите во Битола сеуште проблем

0
524

Намален бројот на кражби на ниво на Сектор за внатрешни работи во Битола . Споредено со 2014 година во месец февруари имало 132 кражби, за 2015 биле регистрирани 118, а оваа година во месец февруари биле регистрирани 70 кражби, што значи постои тренд на намалување на кражбите, информираа од СВР Битола. Тренд на намалување постои и на ниво на општина Битола каде за месец февруари во 2014 година биле регистрирани 82 кражби, 2015 30, а годинава откриени биле 23 тешки кражби.
За подигнување на свеста на граѓаните за самозаштита и превенција од кражби СВР-Битола почна акција .Од СВР-Битола на граѓаните им препорачуваат домот и скапоцените и други вредни предмети да ги осигураат склучувајќи осигурителна полиса, внимателно користење на социјалните мрежи, како и објавување на слики и места во кои престојуваат, со што им се укажува на останатите дека во тој момент не се дома, а со тоа стануваат лесен плен за кражба.
– На граѓаните им препорачуваме доколку се во можност да постават алармни уреди или видео надзор во нивните домови, моторни возила и слично, да внимаваат на своите платежни или кредитни картички, во паричникот да не се чува пин-кодот запишан на лист-хартија или пак залепен на картичката, а доколку ја загубат или им е украдена, веднаш да ја известат банката. За секаква кражба или ако сте жртва на ваквиот вид на криминал, веднаш пријавете во полиција, информираат од секторот за односи со јавност на СВР Битола.
Во рамките на акцијата „Полицијата и граѓаните заедно против криминалот“, Секторот за внатрешни работи-Битола ќе организира и едукативни предавања, состаноци и трибини за подигнување на нивото за самозаштита и превенција од кражби.
– Од соработката со полицијата  зависи и степенот на пораст односно намалување на ваквиот вид кривични дела и затоа е значајна акцијата „Полицијата и граѓаните заедно против криминалот“, информираат од СВР-Битола.