Кремљ планира да протера 30 американски дипломати

0
419

Москва планира да протера околу 30 американски дипломати и да заплени неколку објекти што се во сопственост на САД во Русија, пишува весникот „Известија“.

Весникот, инаку близок на власта во Русија, се повикува на извори од Минисѕтерството за надворешни работи и наведува дека на вакви мерки руската страна ја натерала одлуката на САД да не го врати имотот на руската амбасада во Вашингтон којшто е запленет во декември лани. Прашањето, според „Интерфакс“ останало нерешено и после состанокот на претседателите на двете земји, Владимир Путин и Доналд Трамп во Хамбург.

Руските медиуми пишуваат дека по разговорите на двајцата лидери на маргините на самитот на Г-20, темата за дипломатскиот имот не била чепната, па станало јасно дека САД немаат план за решавање на кризата.

Во такви услови, додаваат медиумите, Русија е принудена да одговори реципрочно и да протера 30 службеници на американската дипломатска мисија и да воведе реципрочни санкции кон американскиот имот во Русија.

Официјална Москва соопшти дека не сака да воведува вакви мерки, но и дека не може да остане без одговор на „непријателскиот“ акт на Вашингтон.

„Има прелиминарен договор за одржување состанок во Санкт Петербург со заменикот државен секретар на САД, Томас Шенон. Ако ни тогаш не се постигне компромис, ќе мораме да се одлучиме за вакви мерки“, изјавил претставник на руското МНР, пренесува „Известија“.

Администрацијата на поранешниот американски претседател Барак Обама кон крајот на декември минатата година воведе санкции против девет руски институции, компании и физички лица, поради наводно мешање во изборите и притисок врз американските дипломати кои работат во Русија.

САД исто така забранија пристап до станбените комплекси, т.н „селски викендички“ на постојаното претставништво на Русија во Њујорк и амбасадата во Вашингтон, кои инаку се дипломатски имот, а 35 руски дипломати беа прогласени за „персона нон грата“.

www.mkd.mk

Без коментари