Кривична пријава за директорите на Стопанска банка АД Битола

0
558

МВР поднесе кривична пријава против лицата Б.Ѕ. (58), член на Управен одбор и прв генерален директор на „Стопанска Банка“ АД Битола и Т.М. (63), член на Управен одбор и втор генерален директор на „Стопанска Банка“ АД Битола поради основано сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ по чл. 353, ст.3 и 4 од КЗ на РМ.
Пријавените, информира МВР, во својство на службени лица злоупотребувајќи ја службената положба и овластување овозможиле правното лице „Амадеус груп“ Дооел од Охрид да се стекне со противправна имотна корист, а на штета на Стопанска банка АД Битола, со што на 14.12.2010 година, постапиле спротивно на Законот за банки и склучиле Договор за остапување на побарување со хипотека со правното лице „Амадеус груп“ од Охрид во износ од 2.614.035 евра, што претставува износ помал за 150.000 евра од реалното побарување.
– Со овој износ пријавените ја оштетиле Банката иако биле свесни и знаеле дека самиот договор е штетен за Банката и во истиот период кај Извршителот била исплатена целосната сума, од побарувањето од страна на купувачот, соопшти МВР.
Оттаму посочуваат дека ријавениот Б.Ѕ. во периодот од 16.10.2010 до 24.12.2010 година, постапил спротивно на чл.92 ст.1 од Законот за банки, односно кога Управниот одбор функционира само со еден член, поради неотповикливата оставка на другиот член. 
На 20.11.2009 година Б.Ѕ. самоволно, издал налог за извршување на претходно поднесеното Барање за извршување од 18.11.2009 година, со цел да овозможи противправна имотна корист за друг и на ден 16.10.2010 година склучил преддоговор за отстапување на побарување со правното лице „Амадеус Груп“ ДООЕЛ од Охрид.
Исто така,се додава во соопштението, двајцата пријавени од 28.10.2010 година до 24.12.2010 година, како овластени лица на Стопанска Банка АД Битола постапиле спротивно на чл. 89 ст.3 т. 17 од Законот за банки, и на 14.12.2010 година, за побарувањата кои што ги имала банката во вкупен износ од 2.763.035 евра, од доспеани, а ненаплатени кредити, одобрени со залог на недвижен имот (во вредност од 26.272.962 евра) на правните субјекти „Унитајерс Стил Импекс“ ДООЕЛ Скопје и „Санос“ ДОО Скопје (каде што „Унитаејрес“ се јавува како заложен должник и за кредитот на „Санос“ ДОО), без одлука од соодветниот Надзорен орган, пријавените со цел и формално правно да ја реализираат намерата за стекнување на противправна имотна корист за друг, склучиле Договор за отстапување на побарување со хипотека со надомест, со правното лице „Амадеус Груп“ ДООЕЛ од Охрид, со дисконт од 150.000 евра, односно за 2.613.035 евра. 
По ова правното лице „Амадеус Груп“ ДООЕЛ од Охрид, во извршна постапка која се водела по барање на „Стопанска банка Битола“ АД Битола, кај Извршител од Скопје, во улога на нов доверител по основ на Договор за отстапување на побарување од 14.12.2010 година, го наплатило своето новостекнато побарување во целокупниот износ, кој како побарување првично го имала „Стопанска банка“ АД Битола од „Унитајерс Стил Импекс“ ДООЕЛ Скопје и „Санос“ ДОО Скопје за 2.763.035 евра, при што пријавените му овозможиле на „Амадеус Груп“ да се стекне со значителна противправна имотна корист во износ од 150.000 евра, на штета на „Стопанска банка“ АД Битола, со што го сториле кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ по чл.353 ст.4 во врска со ст.3 и ст.1, од КЗ на РМ.