Bластите прогласија вонредна состојба во американскиот град Фергусон

0
233

Регионалните власти на Сент Луис, во американската сојузна држава Мисури, прогласија вонредна состојба во блискиот град Фергусон, по дводневните протести и уличното наилство, со употреба на огнено оружје, што избувнаа во текот на демонстрациите по повод минатогодишното убство на младиот црнечки тинејџер Мајкл Браун, кој беше застрелан од полицаец белец.

Одлуката за вонредна состојба во Фергусон, се објаснува со намерата на властите да воспостават контрола во овој мал град, со мнозинско црнечко население и во неговата околина.

Полицијата и безбедносните сили очекуваат продолжување на протестите, откако во текот на демонстрациите во неделата доцна вечерта беше тешко ранет друг црнечки тинејџер, 18-годишниот Тајрон Харис, кој подооцна беше обвинет за вооружен напад врз еден полицаец.

Локалната полиција предупреди дека оние кои напаѓаат полиција со огнено оружје, со запаливи бомби и камења, кои подметнуваат пожари и блокираат патишта, не се демонстранти, туку криминалци.

Во текот на вчерашните протести, полицијата во Фергусон, како и во Сент Луис, уапси повеќемина демонстранти, кои ги блокираа главните сообраќајници и виталниот автопат меѓу двата града, во време кога луѓето се враќаат дома од работа.

Друга група демонстранти го блокираше просторот пред Главниот суд во Сент Луис, означувајќи ги сите акции како дел од протестот со граѓанска непослушност против „насилството на полицијата“.

Полицијата досега уапси 50 лица, меѓу кои има и некои активисти за човекови права.

Гувернерот на сојузната држава Мисури, Џеј Никсон повика денеска протестите што се организираат да бидат мирни и без насилство.

Бранот протести во Мисури, главно во Фергусон и во Сент Луис, но и во уште некои држави од југот на САД, започна изминатиот викенд во знак на одбележувањето на годишнината од убиството на Мајкл Браун.

Во август минатата година, тој беше смртно застрелан од локален полицаец, кој учествуваше во полициската потера по Браун, кој претходно имаше извршено грабеж во една локална продавница.

Полицаецот подоцна беше ослободен од секаква одговрност за инцидентот од Големата порота на Мисури, како и од Министерството за правда на САД.