Лауреатите свечено го затворија 37-от Браќа Манаки

0
321

Со доделувањето на наградите златна, сребрена и бронзена камера 300, како и наградите за посебен придонес во филмската уметност и Големата звезда, во центарот за култура свечено беше затворено 37-то издание на филмскиот фестивал Браќа Манаки.

Жири- то во состав претседател Федон Папамихаил и членовите Клер Пијман, Владимир Самоиловски, Алин Ташчијан и Ѓокан Тирјаки, одлучи дека лауреати на 37-от Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“се:

Кинематограферот од Финска, Јани Петери Паси е годинашен лауреат на Златна Камера 300, за филмот „Најсреќниот ден во животот на Оли Маки“.

– „Тој создава една автентична и лирична атмосфера која ја обзема публиката и го доловува духот на времето и уникатното искуство на главникот лик.“ – се вели во образложението на жирито.

Добитник на Сребрена Камера 300 е Рубен Импенс од Белгија за филмот „Белџика“, заради рефлексијата на интензитетот на чувства и бидејќи ни дозволува да влеземе во светот на ликовите преку енергичната кинематографија.

Бронзената Камера 300 ја доби Матијас Троелструп од Данска, за филмот „Бенг генг (Модерна љубовна приказна)“ – за прецизноста на неговиот младешки стил во хармонија со содржината која е истовремено и реалистична и соновна.

Добитник на наградата Мала Камера 300 од селекцијата на кратки филмови е кинематограферот Лука Коасин од Франција, за филмот „Паркот“- заради оригиналниот концепт и успешната реализација.

Федон Папамихаил, претседателот на жирито воедно ја доби и наградата Златна камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност. Папамихаил емотивно и низ солзи се заблагодари за наградата и истакна дека уметноста е она што ги надминува сите препреки. Од име на фестивалот, наградата му ја врачи Роберт Насков, претседателот на Друштвото на филмските професионалци на Македонија.

Горјан Тозија, во име на друштвото на филмски професионалци од Македонија, наградата „Голема Ѕвезда“за исклучителни резултати во македонската кинематографија му ја додели на филмскиот продуцент Сајмон Пери.

– Сајмон Пери е човекот без кого македонската кинематографија немаше да биде ваква каква што е и немаше да го има својот најголем успех со филмот „Пред Дождот“. Тој го препозна Милчо Манчевски и потенцијалот на филмот и застана цврсто и самоуверено зад тој проект -истакна Тозија.

Сајмон Пери примајќи ја наградата истакна дека благодарение на Милчо Манчевски го развил интересот кон кинематографијата на овој дел од светот, а овде се чувствува како дома.

По свеченоста на доделувањето на наградите, беше прикажан филмот „Златна петорка“ во режија на Горан Тренчовски. На проекцијата беа присутни продуцентот Дејан Милошевски, поголемиот дел од актерската екипа.